26.10.2012, 15:36 Надал ги откажа Париз и Лондон
„Не сум подготвен за овие турнири и затоа ќе ја продолжам мојата рехабилитација во Мајорка и ќе работам за што поскоро враќање“, се изјасни четвртиот тенисер на светот
Рафаел Надал ги потврди очекуваните стравови. Во официјално соопштение за интернет-страницата на АТП тој изјави дека и дефинитивно нема да игра на мастерсот во Париз и на финалниот турнир во Лондон.
„Разочарувачки е што ќе ги пропуштам последните два турнира од сезоната, но не е изненадување. Ќе се вратам на тренинзите штом ќе закрепнам целосно од повредата. Не сум подготвен за овие турнири и затоа ќе ја продолжам мојата рехабилитација во Мајорка и ќе работам за што поскоро враќање“, се изјасни четвртиот тенисер на светот во пресрет на последниот мастерс, кој е предвиден да почне на 27 октомври. Шпанецот се мачи со повреда на левото колено уште од 28 јуни, кога го одигра последниот меч, во второто коло на Вимблдон. Долго се шпекулираше кога ќе се врати, но турнирите еден по еден беа чкртани од неговата агенда, вбројувајќи ги тука ОИ, Ју-Ес опен, мастерсите во Синсинати, во Шангај и во Париз и на крај финалето на сезоната, кое ќе се одржи од 5 до 12 ноември. Останува прашањето дали ќе успее пријатно да ги изненади сите и да се појави на списокот на шпанската репрезентација за финалето на Дејвис купот, од 15 до 17 ноември или само ќе испрати ново дежа ви соопштение.
На завршниот турнир во АТП, сега се отвора ново место, деветтото на „рејс листата“, а него моментно го држи Јанко Типсаревиќ од Србија. Иако официјално не се квалификувани, ова ги обезбедува позициите на Дел Потро и на Цонга пред него. За спектаклот во „О2 арена“ веќе размислуваат сигурните учесници Ѓоковиќ, Федерер, Мари и Ферер.
|