27.10.2012, 15:40 Паскрел: Името не треба да биде услов за влез во НАТО
Американскиот конгресмен вели дека Стејт Департментот сака Македонија да се интегрира во евроатланските структури со што ќе си ја зацврсти економската позиција
Македонија е подготвена да влезе во НАТО, а влезот не треба да се условува – особено не со промена на името за да стане членка и на северноатланскиот совет и на Европската Унија. Јас тоа не го прифаќам, изјави американскиот конгресмен Бил Паскрел.
- Ја разбирам сензитивноста на проблемот со името, ја разбирам и позицијата на Грција, се ми е јасно, разбирам дека се чувствителни на нивниот дел кој се вика Македонија, но исто така, разбирам дека на секоја земја треба да и биде дозволено да си се именува како што таа сака. Се надевав дека досега и дека на ова работиме уште од 1996, дека овој проблем ќе биде решен, но САД, немаат право да кажат и да одредат конечно име што мора да се прифати, вели Паскрел.
Јасно е, додава тој, дека Стејт Департментот сака Македонија да се интегрира во евроатланските структури со што ќе си ја зацврсти економската позиција.
- Јас лично не сум видел ништо што би индицирало дека Македонија сака да направи голема армија за да освои некоја територија. Тоа не е Македонија што јас ја познавам, вели за еВести конгресменот.
Според Паскарел, на престојните претседателски избори во САД ќе победи Обама и дека и натаму ќе остане истата политика кон Македонија.
- Сигурен сум дека Стејт Департментот сака да биде дел од решението на спорот, и не сака да ги раздели двете засегнати земји повеќе од што се сега. Луѓето ја поминуваат границата меѓу Грција и Македонија, секојдневно, водат бизнис секојдневно, се венчаваат, а за што зборуваме ние тука, прашува конгресменот.
|