23.10.2012, 12:55 (ФОТО) Отворена новата зграда на Министерството за надворешни работи
ФОТО: Петр Стојановски
Република Македонија денеска прославува 119 години од формирањето на Македонската револуционерна организација - чин кој остави трајни белези во македонската историја и формирањето слободна независна и суверена држава, нагласи премиерот Никола Груевски денеска на отворањето на новата зграда на Министерството за надворешни работи, честитајќи им го 23 Октомври-Денот на македонската револуционерна броба на сите граѓани во Републиката.
- Ние градиме и ќе продолжиме да градиме со целата наша вложена енергија, со нашата желба, со посветена работа. Низ Македонија се издигаат многу столбови на нови објекти, на нови музеи, на нови училишта, на нови стадиони, спортски сали, нови болници, на нови хидроцентрали, нови згради со социјални и комерцијални станови, како и многу други објекти. Столбови на нашата државност, столбови кои ќе останат да сведочат за едно време на изградба на Македонија. Столбови за подобар живот на сите граѓани на Република Македонија и столбови за сите идни генерации. Градиме за иднината и така ќе продолжиме, рече меѓу другото во обраќањето премиерот Груевски.
Шефот на македонската дипломатија Никола Попоски посочи дека денешниот настан е од историска важност не само за македонската дипломатија, туку и за сите граѓани на Република Македонија.
После 20 години независно постоење, подвлече Попоски, македонската дипломатија се стекнува и со просторни капацитети соодветни за сериозна идна членка во евроатлантските семејства.
|