25.10.2012, 09:43 ЕК негира каков било договор меѓу Грција и „тројката“
Европската комисија негира дека постоел каков било договор меѓу Грција и нејзините главни кредитори ЕЦБ, ЕУ и ММФ, додека грчката Влада тврди дека добила две години одложување за да ги постигне своите фискални цели.
- Постигнат е суштински напредок во преговорите со Грција, но остануваат важни прашања, пред се` да се стигне до глобален договор, објави на „Твитер“ Сајмон О’Конер, портпарол на Kомисијата за економски прашања.
Претходно вчера попладне, грчкиот министер за финансии Јанис Стурнарас изјави пред Парламентот во Атина дека е постигнат договор со кредиторите за продолжување за две години на рокот, во кој треба да заздрават финансиите на државата.
Неговите зборови досега не беа ниту потврдени, ниту демантирани од „тројката“ кредитори“, со исклучок на ЕЦБ.
Претседателот на ЕЦБ Марио Драги, кој синоќа се сретна со германски пратеници, изјави дека оценувањето на „тројката“ се` уште продолжува и дека не е информиран за одлука која ќе и дозволи подолг период на Атина за спроведување на реформите. |