26.10.2012, 12:50 Само Георгиевски со победа во Лига Европа
Стеауа го совлада Молде со 2:0, Марибор на Ибраими ремизира 1:1 со Тотенхем, другите петмина изгубија во синоќешното трето коло
Даниел Георгиевски е единствениот од седумтемина македонски фудбалски интернационалци што славеше во синоќешното трето коло во Лига Европа. Репрезентативниот десен бек на Македонија ги одигра сите 90 минути за Стеауа во победата од 2:0 во Букурешт против Молде. Романците го решија мечот за две минути со головите на Влад Кирикеш во 30. минута и на Раул Русеску во 32. минута.
Половичен успех за Марибор на Агим Ибраими, кој дома ремизира 1:1 со Тотенхем. Стрелецот на головите за Македонија против Хрватска и со Србија во мундијалските квалификации беше во игра целиот меч на стадионот „Људски врт“, во кој Роберт Бериќ му донесе водство на словенечкиот шампион во 42. минута, а израмни Гилфи Сигурдсон во 58. минута за трето реми за лондончани во ова натпреварување.
Капитенот на македонската репрезентација Горан Пандев влезе во игра во 52. минута на гостувањето во Днепропетровск, но не го спаси Наполи од нов убедлив пораз во Лига Европа, овој пат од 3:1 против Днипро. Тренерот Валтер Мацари повторно ги чуваше првотимците за Серија А, каде што Наполи в недела ќе го пречека Киево, што Украинците го искористија да слават со головите на Артем Федецки во 2 и во 82 минута и на Бразилецот Матеус во 42 минута, а почесниот погодок за Италијанците го постигна Единсон Кавани од пенал во 75. минута.
Пораз од 3:1 претрпе и Хапоел Кирјат Шмона на Дарко Тасевски на гостувањето во Прага кај Спарта. Повратникот во македонската репрезентација влезе во игра во 79. минута, кога се' веќе беше решено. Чесите ја обезбедија победата уште во првото полувреме со головите на Крејци во 7. , на Кадлец во 10. и на Свејдик во 44 минута, а единствениот погодок за Израелците го даде Абихазира во 76. минута.
Ексрепрезентативецот Игор Митрески го одигра целиот меч за Нефчи, кој беше поразен со 1:0 од Рубин во Казан. Победничкиот гол за Русите беше дело на Касаев во 16. минута.
Со минимален пораз од гостувањето кај Интер во Милано се врати и Партизан, за кој Александар Лазевски ги одигра сите 90 минути. Победата на поранешниот клуб на Пандев му ја донесе Паласио во 88. минута.
Со празни раце остана и Бриж на Иван Тричковски, кој загуби во Њукасл со 1:0, а тој влезе во игра во 55. минута. Мечот го реши Габриел Обертан во 48. минута. (Р.Д.)
БАЕР УВЕРЛИВ ВО ВИЕНА
Група А: Ливерпул - Анжи 1:0, Јанг бојс - Удинезе 3:1. Табела: Ливерпул 6, Анжи 4, Удинезе 4, Јанг бојс 3.
Група Б: Атлетико Мадрид - Академика 2:1, Хапоел Тел Авив - Плзен 1:2. Табела: Атлетико 9, Плзен 6, Академика 1, Хапоел 1.
Група Ц: Борусија Менхенгладбах - Марсеј 2:0, АЕЛ - Фенербахче 0:1. Табела: Фенербахче 7, Марсеј 4, Борусија 4, АЕЛ 1.
Група Д: Њукасл - Бриж 1:0, Маритимо - Бордо 1:1. Табела: Њукасл 7, Бордо 4, Бриж 3, Маритимо 2.
Група Е: Стеауа - Молде 2:0, Штутгарт - Копенхаген 0:0. Табела: Стеауа 7, Копенхаген 4, Молде 3, Штутгарт 2.
Група Ф: ПСВ - АИК 1:1, Днипро - Наполи 3:1. Табела: Днипро 9, ПСВ 4, Наполи 3, АИК 1.
Група Г: Видеотон - Базел 2:1, Генк - Спортинг 2:1. Табела: Генк 7, Видеотон 6, Базел 2, Спортинг 1.
Група Х: Рубин - Нефчи 1:0, Интер - Партизан 1:0. Табела: Интер 7, Рубин 7, Нефчи 1, Партизан 1.
Група И: Спарта - Хапоел Кирјат Шмона 3:1, Лион - Атлетик Билбао 2:1. Табела: Лион 9, Спарта 6, Хапоел 1, Атлетик 1.
Група Ј: Панатинаикос - Лацио 1:1, Марибор - Тотенхем 1:1. Табела: Лацио 5, Марибор 4, Тотенхем 3, Панатинаикос 2.
Група К: Розенборг - Металист 1:2, Рапид Виена - Баер Леверкузен 0:4. Табела: Баер 7, Металист 7, Розенборг 3, Рапид 0.
Група Л: Хелсингборг - Хановер 1:2, Леванте - Твенте 3:0. Табела: Хановер 7, Леванте 6, Твенте 2, Хелсингборг 1.
|