27.10.2012, 11:23 Металург убедлив против Загреб во СЕХА лигата
Најефикасни во победата од 33:26 беа Дејан Манасков со седум голови и Ренато Вугринец и Миладин Козлина кои постигнаа по шест погодоци
Ракометарите на Металург со убедливи 33:26 го совладаа Загреб КО во 7.коло од регионалната СЕХА лига. На мечот одигран синоќа во салата „Автокоманда“ во Скопје, македонскиот шампион покажа дека во овој момент е поквалитетна екипа од хрватскиот претставник и по серијата добри игри во Лигата на шампионите и првото место во групата, со новите три бода фати приклучок со водечките и во ова натпреварување.
Првата половина на второто полувреме го реши победникот на вечерашниот дуел, откако по првото полувреме Металург во изедначена игра сепак обезбеди три гола предност, 16:13. Во вториот дел македонскиот шампион имаше и плус 11 кога поведе со 27:16, а гостите до крајот успеаја да ја намалат двоцифрената предност на нашата екипа.
Најефикасни играчи кај Металург беа дејан Манасков со седум голови и Ренато Вугринец и Миладин Козлина кои постигнаа по шест погодоци.
Освен прослава за победата, вечерва навивачите на Металург наречени „Пирати“ го прославија 20 годишното постоење на македонската навивачка сцена.
Вториот македонски претставник во ова натпреварување Вардар Про, кој е и лидер на табелата, утре ќе игра во Нашице против екипата на Нексе.
Во другите натпревари од ова коло играат Татран Прешов – Слога, Борац БЛ – Извиѓач, додека Ловќен – Брест Мешков ќе играат на 13 ноември.
Табела: Вардар Про 13 бодови (6 натпревари), Загреб 13 (6), Металург 12 (6), Татран Прешов 12 (5), Нексе 12 (6), Ловќен 10 (6), Брест Мешков 6 (5), Извиѓач 6 (6), Борац БЛ 1 (6), Слога Добој 0 (6)
|