27.10.2012, 13:17 Еврообврзницата им донесе 10 милиони евра на пензиските фондови
Предвремената продажба на евро обврзницата не доведе до намалување на вредноста на портфолијата на двата пензиски фонда. Напротив, евидентен е дополнителен принос на индивидуалните сметки на членовите на вториот пензиски фонд, односно членовите ќе имаат повеќе средства на личните индивидуални сметки, истакна на прес-конференција министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски.
Двете пензиски друштва, како што посочи, ефикасно ја прилагодија својата инвестициска политика на соодветните промени и дадоа солидни резултати во приносите при тргување со евро обврзницата.
- Од остварените резултати од продажбата евидентно е дека двата пензиски фонда оствариле капитална добивка од околу 10 милиони евра. Пензиските друштва ќе можат да вложуваат во државни обврзници издадени во Македонија, но не и во еврообврзници кои Република Македонија ги издава на меѓународниот пазар на капитал, истакна Ристовски.
Toj потсети дека со измените и дополнувањата на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување кои стапија на сила од 8 август годинава, во делот на инвестирањето во државни хартии од вредност издадени од Република Македонија, се прецизира дека средствата на пензиските друштва можат да се инвестираат во државни хартии од вредност издадени на домашниот пазар.
- Пензиските фондови во своето портфолио ги поседуваа двете македонски евро обврзници издадени на странски пазар. Едната македонската обврзница достасува на 8 јануари 2013 и за неа нема потреба од предвремена продажба. Втората македонска обврзница достасува во декември 2015 година и поради тоа постојните портфолија на пензиските фондови мораа да се усогласат заклучно со 15 јануари 2013 година, рече министерот.
Сепак, како што посочи, двата пензиски фонда во текот на 2012 година ја реализираа продажбата на оваа македонска обврзница и тоа пред време, односно НЛБ Нов пензиски фонд ја реализираше продажбата заклучно со 6 август 2012, а КБ Прво пензиско друштво заклучно со 12 септември годинава.
|