25.10.2012, 13:17 Владата ќе субвенционира решавање спорови со медијација
Владата на Република Македонија од почетокот на следната година ќе ја субвенционира медијацијата, со цел да ги стимулира граѓаните за нејзино користење во решавањето на споровите.
Оваа мерка, како што рече на денешната прес-конференција владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев, има за цел странките да се уверат во пракса за бенефициите од постапката за медијација, без притоа да трпат определени финансиски импликации.
До крајот на годината треба да се извршат измени на Законот за медијација и на Законот за бесплатна правна помош за да се дефинираат условите и критериумите за субвенционирање на медијацијата од страна на државата.
- Рамката во која ќе се движат измените претпоставува покривање на финансиските трошоци на страните за медијација за остварување на максимум првите 4 часови од процесот на медијација и тоа во висина од трошокот на медијацијата по час кој би изнесувал од 15 до 25 евра, рече Ѓорѓиев.
Анализите и праксата, како што посочи, покажуваат дека 4 часа се доволни за страните да се запознаат со медијацијата, да го изложат проблемот пред медијаторот кој понатаму ќе ги насочува кон начинот за надминување и решавање на нивниот меѓусебен спорен однос, па и да го решат спорот.
- Ќе се субвенционира само медијација пред започнување на судската постапка, а не онаа која би била побарана во рамките на веќе тековна судска постапка. Трошоците ќе бидат обезбедувани од Буџетот, истакна Ѓорѓиев.
Со субвенциите, како што рече портпаролот, се очекува граѓаните полесно да се одлучуваат да одат на медијација на споровите и на дело да ја увидат корисноста од неа.
- Бенефициите на системот на државата, пак, се уште поголеми бидејќи не се активира судскиот систем и се остава повеќе простор и време за решавање на навистина спорни ситуации и предмети, за кои е оправдано да се активира судскиот механизам, што значи заштеда и на време, и на пари и на кадар во судството, додаде Ѓорѓиев.
|