25.10.2012, 13:02 Хилари Клинтон на балканска турнеја без Македонија
Американскиот државен секретар од 29 октомври до 2 ноември ќе ги посети Босна и Херцеговина, Косово, Србија, Албанија и Хрватска
Американскиот државен секретар Хилари Клинтон од 29 октомври до 2 ноември ќе биде на балканска турнеја, во рамките на која ќе ги посети Босна и Херцеговина, Косово, Србија, Албанија и Хрватска.
Во соопштението на американскиот Стејт департмент се наведува дека Клинтон патува на Балканот за да го демонстрира американскиот интерес, посветеност и поддршка за европската и евроатлантската иднина на балканските земји.
Клинтон, во дел од посетата, ќе патува заедно со високиот претставник за надворешна политика на Европската унија Кетрин Ештон, со која заеднички настапува по прашањето на дијалогот меѓу Косово и Србија и потребните реформи во Босна. Според најавата на Стејт департментот, Клинтон и Ештон во Босна ќе побарат од босанските лидери да дејствуваат во интерес на граѓаните по прашањето на реформите потребни да се почне интеграцијата во НАТО и во Европската Унија, како и да ја подвлечат посветеноста на меѓународната заедница на неменување на Дејтонскиот мировен договор.
Во Србија и во Косово, Клинтон и Ештон ќе побараат од двете држави да работат на реализирање на постигнатите договори и да го продолжат дијалогот.
Во Тирана, Клинтон ќе се обрати пред албанскиот Парламент, на свечена седница во чест на 100 годишнината од независноат на Албанија, додека најавени теми на разговор во Хрватска се улогата на Хрватска како НАТО членка, планираниот влез во ЕУ во 2013 година и хрватската економска ситуација.
Клинтон најави серија на проштални турнеи, при очекуваното заминување од функцијата државен секретар. Таа најави дека дури и ако претседателот Обама победи на изборите, нема да побара повторно да биде именувана за шеф на американската дипломатија. |