26.10.2012, 15:05 Полицаец вмешан во шверц на лажни азиланти во ЕУ
Полицијата разби нова група на шверцери на азиланти, кои за 250 до 350 евра им организирале превоз на македонските државјани до земјите на ЕУ. Татко и син од Кочани, заедно со партнер од кумановското село Опае врбувале, регрутирале и превезувале заинтересирани лица од земјава, потенцијални баратели на економски азил во земјите на ЕУ. Во криминалот им помагал полициски службеник во Полициска станица за Гранична контрола Табановце, кој земал поткуп за да да ги пушти азилантите да ја поминат државната граница.
По нивното приведување, А.Н.(45) и неговиот син А.Џ.(28) од Кочани, како и полицаецот И.И.(38) од село Биљановце, Кумановско, завршија во 30-дневен притвор, додека А.Д.(38) од кумановското село Опае е во куќен притвор.
„Таткото и синот како организатори на криминална група од подрачје на Кочани, Виница, Прилеп и Битола врбувале потенцијални баратели на економски азил и за 250 до 350 евра им организирале превоз кон западноевропските држави. Полицаецот злоупотребувајќи ја службената положба, за надокнада од 50 до 70 евра од лице, без да ги евидентира во системот за гранична контрола на преминот Табановце, им овозможувал излез од земјава“, велат во МВР.
Таткото и синот на 23 октомври организирале превоз на седум лица и две деца од Прилеп, Битола, Кочани и Виница, кон планирале да заминат за Минхен, Германија. Азилантите со возило биле пренесени до Куманово, каде биле засолнети во Опае. Потоа сопственикот на куќата обезбедил две такси возила со кои требал да ги пренесе до одредена локација во Србија. Од таму, пак, требало да бидат преземени од друго возило и да го продолжат патот кон Европа.Меѓутоа во соработка со српската полиција, азилантите и организаторите биле пронајдени кај местото Предејане, по што се вратени во земјава. Во последниве десетина дена ова е втора акција на полицијата, во која се разбиени организатори на транспорт на лажните азиланти кон земјите на ЕУ. (Д.Т.)
|