27.10.2012, 19:35 Гинеколошката болница „Мајка Тереза“ доби нов современ објект
Премиерот Никола Груевски и министерот за здравство Никола Тодоров денеска ја посетија Специјалната болница по гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ во Чаир, каде се завршени градежните работи.
Во комплексот на специјалната болница извршена е реконструкција на постоечки објект и негова адаптација за гинекологија и акушерство. Објектот е во форма на П буквата со десно, лево и централно крило и изведен е како доградба на постоечки постар објект.
- Во оваа болница се инвестирани над 4,5 милиони евра, а инвестицијата само во градежниот дел е околу 170 милиони денари, рече министерот Тодоров.
Тој додаде дека од Министерство за здравство има набавка во делот на кревети и останата медицинска опрема во износ од над 300 илјади евра, која е потребна за ставање на овој објект во функција со пациенти.
- За одбележување е фактот што ако се спореди со некои периоди од пред осум, девет или 10 години, во периодот од 2002 до 2006 година во здравстевната инфраструктура се инвестирани вкупно над 1,5 милиони евра, а само во овој објект се инвестирани над 4,5 милиони евра, нагласи Тодоров.
Тоа, како што додаде, ја покажува фокусираноста на Владата за подобрување на целата здравствена инфраструктура што е еден од предусловите за подигање на нивото на квалитет за давање здравствени услуги.
Бенефитот од зградата, како што рече министерот, ќе имаат околу 3.000 мајки годишно, бидејќи толкав е бројот на годишното породување во оваа болница.
- Капацитетот не го зголемивме, но го зголемивме стандардот на квалитет во зградата, имајќи предвид дека собите ќе бидат трокреветни, со тоалет во секоја соба, со принципот на „рооминг ин“ третман на новородени, што значи дека новороденчињата се заедно со своите мајки, истакна Тодоров
|