25.10.2012, 13:33 „Амнести интернешнл“ ја осуди прекумерната употреба на сила во ЕУ
„Амнести интернешнл“ ја осуди прекумерната употреба на сила од страна на полицијата во земјите-членки на Европската унија врз демонстрантите, кои учествувале во мирните протести против строгите мерки за штедење. Меѓународната организација за заштита на човековите права исто така напомена дека недостигаат казнени мерки против органите за зачувување на редот кои ги извршиле таквите нарушувања.
- Луѓето, кои мирно протестираа против строгите економски мерки, кои се спроведуваат во државите од ЕУ, беа удирани, клоцани, прскани со солзавец и ранети од гумени куршуми и тоа во случаи на прекумерна употреба на сила од страна на полицијата, која не беше предмет на никаква истрага и не беше казнета, се наведува во соопштението на организацијата.
„Амнести интернешнл“ упати критика и поради произволните апсења и немањето пристап до медицинска помош.
Невладината организација, со седиште во Лондон, ги повикува владите на земјите од ЕУ да спроведат истрага за случаите на кршење на човековите права од страна на полицијата и побара да се спречи нивното повторување.
„Амнести интернешнл“ спомена неколку примери за такви злоупотреби во Букурешт, Мадрид и Атина, каде грчкиот новинар Манолис Кипреос го загуби слухот, откако беше ранет од шок бомба. |