26.10.2012, 14:39 Азаренка не знае против Серена
Американката го доби и дуелот на ВТА-шампионатот во Истанбул со 6-4, 6-4
Викторија Азаренка 11. пат покажа дека е беспомошна кога од другата страна на мрежата ќе застане Серена Вилијамс. Во дербито на групната фаза од ВТА Чемпионшип во Истанбул, Американката ја совлада првата тенисерка на светот со 6:4, 6:4, потврдувајќи дека за неа и нејзините шанси за пехарот не се важни бројки, рејтинзи и статистики. За разлика од вториот меч, со На Ли, импресионираше со 35 винери и 11 аса.
„Тренирав напорно, очекував да играм подобро и тоа се случи со текот на времето“, беше кратка Серена, која со третата победа во Истанбул го обезбеди првото место во црвената група. Азаренка загуби петти пат оваа сезона од Серена и дојде до скор од 1:11 во меѓусебните дуели. Поболно е тоа што Азаренка допатува во Истанбул со 13:0 во победи, а по 14. против Кербер дојде Серена и како криптонит ја оневозможи.
„Имав премногу пропуштени шанси. Малку сум тажна, но морам да се рехабилитирам бргу“, изјави Азаренка, која сега ќе мора да ја победи На Ли ако сака да го освои второто место и да обезбеди пласман во полуфиналето. Кинеската вчера ги задржа шансите за прогрес благодарение на триумфот над отпишаната Кербер (6:4, 6:1).
„Денеска бев пофокусирана. Анжелик играше одлично во дефанзива, но мојот тренер ме подготви за тоа и ме советуваше да играм со повеќе топспин и тоа профункционира“, го кажа својот впечаток Кинеската.
Во единствениот натпревар од белата група, Саманта Стосур, која дебитираше како замена за Петра Квитова, загуби од Сара Ерани со 6:3, 2:6, 6:0. „Пред два дена знаев дека таа ќе ја замени Квитова, така што имав време да се подготвам. Беше агресивна, но јас одиграв одличен меч. Се надевам така ќе биде и утре“, рече Ерани, која денеска ќе го игра одлучувачкиот меч со Радванска.
НА ЛИ СЕ ВРАТИ ВО ИГРА
Резултати од третиот ден, црвена група: С. Вилијамс (3., САД) - Азаренка (1., Белорусија) 6-4, 6-4; На Ли (8., Кина) - Кербер (5., Германија) 6-4, 6-1.
Бела група: Ерани (7., Италија) - Стоусур (9. Австралија) 6-3, 2-6, 6-0.
|