24.10.2012, 12:41 „Аман“ ќе поднесе тужба против Регулаторната комисија и ЕВН
На иницијативата веќе се потпишале 70-ина активисти кои обвинуваат за бесправно богатење
Прилеп - Прилепските активисти на „Аман“ најавија дека задутре во Основниот суд во Прилеп ќе поднесат тужба против Регулаторната комисија и ЕВН. Од „Аман“ обвинуваат за бесправно богатење кое, како што велат, е единствената цел на незаконското покачување на цената на струјата, исклучувањето на евтината дневна тарифа и воведувањето давачката за моќност од 33 отсто. Седумдесетина активисти веќе се потпишале на иницијативата, а ќе бидат поднесени тужби со по 10-ина тужители, зашто бараат огромни суми отштета.
„Ќе бараме да ни се вратат средствата за пет години наназад, ќе бараме целосно укинување и одговорност од некој или некои кои ја вовеле додадената моќност од 33 отсто за нешто што не добиваме. Моментално на подрачјето на Македонија дури 70 проценти корисници имаме струја со напон од 120, а не од 225 волти и ова веќе може да се види на интернет“, вели Влатко Ристески, еден од активистите на оваа граѓанско здружение.
Прилепчани, кои ја поддржуваат оваа иницијатива, велат дека не се против ниту една политичка партија ниту против власта, туку единствено бараат заштита на своите граѓански права. Затоа апелираат до Основниот суд во Прилеп да донесе праведна пресуда, во законита и брза постапка. (М.Т.) |