Архива Контакт Редакција Маркетинг Претплата
Барај
период од-до
-
Онлајн издание
Вести Магазин Спорт
Култура
10.05.2012, 17:26

„Мајски оперски вечери“ отворени со „Травијата“

Фестивалскиот оган на јубилејното 40. издание го запали оперската певица Лилјана Зенделска

Катерина Богоева

Оперската певица Лилјана Зенделска вчеравечер во преполното фоаје на Македонската опера и балет го запали фестивалскиот оган на 40. „Мајски оперски вечери“, означувајќи го почетокот на јубилејното фестивалско издание по што следуваше и впечатливата изведба на претставата „Травијата“ од Џузепе Верди, во режија на Нина Најденова од Бугарија.

Годинашните „Мајски оперски вечери“ за отворени ги прогласи министерската за култура, Елизабета Канчевска-Милеска, осврнувајќи се на нивото големо значење за развојот и презентацијата на оперската у��етност од земјава и од светот. Ја потенцираше наедно и големата улога што ја одигра нивниот идеен творец, режисерот Васил Ќортошев, кој заедно со поголем број македонски оперски солисти, диригенти и режисери ја креирале физиономијата и програмскиот концепт на манифестацијата. „Веројатно визионерски и далекусежно, Ќортошев вака ја замислуваше нејзината иднина“, рече министерката за култура. Директорот на МОБ, Дејан Прошев, посочи дека во изминатите четири децении се одржани над 350 претстави, на кои учествувале над 1.600 гости од Македонија и од странство, а претставите ги виделе дури 800.000 посетители. Публиката година доби можност до 31 мај да види пет опери и еден балет со ексклузивни гости од Индонезија, Бугарија, Италија, Русија, Велика Британија, Јужна Кореја, Германија, Австрија и од САД.

Директорот Прошев ја нарече операта „Травијата“ „најпопуларна и најизведувана претстава на фестивалот“, а вчерашната нејзина изведба во салата исполнета со гости од политичкиот општествениот, културниот живот на земјава навистина и го оправда тоа значење. Иако еден ден претходно беше најавена неочекувана промена, во улогата на Виолета Валери од здравствени причини не можеше да настапи оперската певица Благица Поп Томова, но впечатливата улога во комплетно новата поставка на операта успешно, на големо задоволство на публиката, ја одигра гостинката од Бугарија, сопранот Станислава Иванова. Оваа млада 28-годишна самостојна уметница од 2008 година досега настапила во 55 изведби на „Травијата“ во Бугарија, Европа и во Америка. Вчера, пред заминувањето од Скопје, Иванова изрази задоволство од комплетната изведба на претставата, од комуникацијата со партнерите, од тенорот Ѓорѓи Цуцковски, кој настапи во улогата на Алфред Жермон, и од баритонот Борис Трајанов, кого го видовме во улогата на Жорж Жермон. Таа посака соработката со Македонската опера и балет да продолжи и понатаму, а Ѓорѓи Цуцковски го нарече голем професионалец. Нивната мошне успешна комуникација на сцена публиката ја почувствува и ја наградуваше со големи аплаузи.

Ѓорѓи Цуцковски досега настапувал повеќе пати во „Травијата“ и во други режии и други поставки во Македонија и во Јапонија. И тој беше задоволен од настапот со партнерката од Софија. „Станислава ја доживеав како вистински љубовен сопатник и затоа многу тешко го поднесов чинот на умирање на сцената. Претходно имавме само две проби, но нејзиното искуство на сцена адекватно се вклопи со мојата перцепција, со мојата енергија, а тоа и се почувствува“, рече тој.

Операта „Травијата“ пленеше и со богатата сценографија, со новите костими, како и со изведбата на хорот и оркестарот на Македонската опера и балет, под водство на диригентот од Индонезија, Норман Виџаја, кој по вторпат гостуваше во Македонија.


Статијата е прочитана 915 пати.

Испрати коментар



Слики и цртежи на Билјана Каевиќ во „Чифте-амам“
Промоција на книга за Гане Тодоровски
„Денови на Јустинијан Први“ во Скопје по шести пат
„Ориент експрес“ пристигна во Македонија

„УТРИНСКИ ВЕСНИК“
ЕЛЕКТРОНСКО ИЗДАНИЕ

  


Site Meter


Време
Скопје, 19°C

Претежно облачно

Недела
Ветровито
Макс: 22°C, Мин: 7°C

Понеделник
Обилни врнежи
Макс: 21°C, Мин: 11°C
овозможено од Yahoo! Weather
НајчитаниНајкоментирани

Дневник  | Вест | Теа Модерна | Огласник24

Онлајн издание | Вести | Магазин | Спорт |
Печатено издание | Политика | Македонија | Економија | Хроника | Коментари | Свет | Култура | Спорт | Скопје | Забава | Хороскоп |