09.10.2012, 19:18 Мислења
Круна на слободарскиот порив
Петар Карајанов
Без 11-октомвриските факели на 1941 година и без епохална антифашистичка и ослободителна војна ќе ја немавме денешна самостојна и суверена Република Македонија
Во вековната борба за слобода и државност, во копнежот да се биде свој на своето, македонскиот народ подигнал многу буни и востанија, учествувал во многу војни, но дури со октомврискиот факел на 1941 година и со епохалната Народноослободителна и антифашистичка војна 1941-1945 е изборена слободата и државноста на Македонија.
Историјата запишала многу буни и востанија на македонскиот народ: Прилепско-мариовската, Брсјачката буна, Карпошовото, Кресненското, Разловечкото и легендарното Илинденско востание со Крушевската Република. Го запишала историјата и тоа дека во многу буни и востанија на соседните балкански земји и народи, учествувал масовно народот на Македонија со надеж дека со нивната слобода ќе ја извојува и својата.
Со тие цели и надежи се вклучувал овој народ, доброволно и по туѓа државна мобилизација и во крвавите и дамнешни меѓудржавни војни на големите сили и во двете балкански и во Првата светска војна.
Не веднеел глава, не мирувал, протестирал, демонстрирал и се борел против социјалните неправди и посебно му тежела националната онеправданост – непризнаеност како посебен народ и право на своја држава. Чмаел во затворите, бил прогонуван и убиван и од режимите на балканските земји под чија власт и робија потпаѓал по волјата на големите сили. Се борел и крвавел со децении, со векови.
Но, дури со 11-октомвриското востание во 1941 година и со големата Народноослободителна и антифашистичка војна 1941-1945 година е изборена долгокопнеаната национална и социјална слобода и првата македонска држава, иако само на еден дел од нејзината географска и етничка територија.
Таа е прва, слободна македонска држава создадена во единствените можни светски констелации тогаш како рамноправен државен субјект на федерацијата на народите на Југославија, а сега темелник на денешна самостојна и суверена, а утре и европска Македонија.
Неоспорен факт е дека македонските комунисти беа инспиратори, организатори и предводници на Народноослободителната и антифашистичка војна 1941-1945, затоа што беа единствената политичка сила, која во тие судбоносни времиња за македонскиот народ остана со него и му понуди и политичка и борбена платформа како единствени можни решенија за остварување на неговиот вековен сон за национална слобода и државност. Но, таа борба и војна стана суштинска народноослободителна и државотворна тогаш кога најголемото мнозинство од македонскиот народ и етничките заедници што ја делеа судбината заедно со него ги прифати како своја борба и своја војна и со своето масовно учество партизанските одреди ги претвори во стоилјадна македонска војска што ја избори слободата и државноста на Македонија.
Исто така, историски факт е дека по згаснувањето на двете меѓусебно антагонизирани политички сили во македонското националноослободително движење (десницата олицетворена во ВМРО–автономистичка на Иван Ванчо Михајлов и левицата на ВМРО-обединета, предводена од Димитар Влахов), на политичката сцена на македонското национално движење во трите дела на распарчена Македонија останаа само комунистите, во рамките на тамошните комунистички партии – КПЈ, КПБ и КПГ.
Сите востанички пројави во трите дела на распарчена и окупирана Македонија имале исти пориви, исти стремежи, исти цели: борбата против фашизмот и учеството во големата антифашистичка коалиција да се претвори во Народноослободителна и македонска државотворна војна.
Тие востанички, борбени и воени дејства се изведувале на три територии, од кои двете биле под воена окупација, а едната и' припаѓала на фашистичката оска. Сите три востанички дејства биле раководени од посебни политички и воени центри без посебна синхронизација и содејство, а често и антагонизирано меѓу себе.
Историска погодност е што на подрачјето што го зафаќало Вардарскиот дел имало една силна револуционерна политичка партија, каква што била Комунистичката партија на Југославија, чиј дел биле и македонските комунисти, која ја презела целосната политичка одговорност да стане предводничка сила на народот во неговата антифашистичка и народноослободителна борба наспроти колебливоста на другите соседни балкански партии.
И овде, како и во мислите и срцата на пиринските и егејските борци, исто така, силни биле копнежите, желбите, надежите и напорите за целосно остварување на вековниот македонски сон: слободна, самостојна и обединета Македонија. Но, суровиот диктат на тогашните политички, воени, стратегиски околности и интереси на големите сили што ја воделе големата антифашистичка коалиција бил неумолив: неменувањето на воспоставените граници и небуричкање по македонското прашање, освен - допуштање на единствената веќе изборена можност – признавање на македонската држава во рамките на создадената југословенска федерација.
И може ли некој да го оспори и да не го прифати тој историски чин што го направија борците од Народноослободителна и антифашистичка војна на Македонија 1941-1945 година, искористувајќи ја единствената можна шанса да ја конституираат својата изборена државност? Тој што го прави тоа од какви било причини и побуди нека одговори прво на неколку обични прашања. На пример:
- Како ќе изгледаше Македонија, тогаш и сега, без востаничкиот чин на 1941 и без таа Народноослободителна и антифашистичка војна?
- Како ќе изгледаше тогаш и денес Македонија ако не победеа партизаните, ако не се создаде македонската народноослободителна војска, која самата ја избори слободата на Македонија?
- Како ќе изгледаше тогаш и потоа Македонија ако останеа бугарските окупатори и го чекавме црвеноармијското ослободување?
- Ќе ги имавме ли АСНОМ и асномска Македонија?
- Ќе имаше ли воопшто можност да зборуваме денес за македонска држава, за македонски јазик, за македонска култура, за македонска преродба, за македонска самостојност?
Ако одговорот е сосема јасен дека без 11-октомвриските факели на 1941 и без епохална НОАВМ ќе ја немавме и денешна самостојна и суверена Република Македонија, тогаш обврска е на денешните и утрешните генерации да ги пригрнат тие скапоцени придобивки и врз нив да градат нови дострели кон современа европска Македонија.
(Авторот е пензиониран новинар и публицист) |