Интервју
На половина пат сте до добри избори
Хозе Луис Хереро, амбасадор на ОБСЕ во Македонија
Слободанка Јовановска Тамара Грнчароска
Пописот ќе се одржи идната година, но веќе предизвикува политички тензии. Од ДУИ тврдат дека ќе има 30 отсто Албанци во земјата, а во јавноста се шпекулира дека бројката ќе биде под 25 отсто... Има ли потенцијал тој да ја влоши меѓуетничката ситуација?
Се надевам дека ќе биде обратно, дека ќе ја подобри. Зошто? Затоа што пописот е инструмент за утврдување на демографијата и на бројот на населението, па многу повеќе треба да помогне отколку да одмогне. Она што е важно е тој да биде кредибилен и изведен професионално. Не се сомневам дека земјата има капацитет да организира квалитетен попис. Постои консензус меѓу различните заедници, а особено меѓу политичките сили што ги претставуваат различните етнички групи. Зашто прашањето за бројноста на различните етнички групи е клучно. Мислам дека почнувате добро. Имате владина коалиција во која се двете етнички групи, па е најважно тие да се усогласат, а потоа да ги убедат другите. Ова е процес што е во тек, а протагонисти на пописот се локалните институции. Тие ќе ја завршат работата, а потоа ќе се вклучи меѓународната поддршка.
На последниот попис ЕУ играше многу важна улога, но сега локалните структури имаат поголем капацитет. Сепак, за да биде убедлив процесот очекувам некои меѓународни структури, исто така, да понудат учество. Клучно е оваа активност да има кредибилитет и мислам дека пописот е можност за земјата, а не обратно, и ќе биде добар за неа.
Што ќе се случи, сепак, ако има намалување на популацијата во местата каде што етничките групи бројат повеќе од 20 отсто и каде што се обезбедени права според Рамковниот договор? Дали тоа значи дека тие ќе треба да бидат одземени?
Некои од правата воспоставени со Рамковниот договор се засноваат на демографијата, но не целиот Рамковен договор. Некои елементи на него се засновани на процентот на населението. Тоа не е толку прецизно и мислам дека одредена флексибилност е важна во имплементацијата. Не мислам дека ова ќе биде главен проблем околу пописот и мислам дека тој се прави поголем проблем отколку што всушност е.
Како ги коментирате партизацијата и прекубројните вработувања во администрацијата? Според Вас, дали е кредибилна имплементацијата на Рамковниот договор по последните вработувања на Албанците во администрацијата?
Не сме тие што треба да ја проверуваме големината на јавната администрација. Се грижиме за правичната застапеност, бидејќи тоа е обврска од Рамковниот договор. Внесувањето на претставниците на немнозинските заедници во администрацијата е позитивно, но дилемата е како ќе се стори тоа, бидејќи не е важен само бројот на новопримените, туку и квалитетот за кај сите во земјата да постои чувство дека учествуваат во важните прашања. Ова е добро за земјата, но кога ќе се прашаме како се прави, се јавуваат проблемите. Очигледно има проблеми.
Ние одблиску му помагаме на Секретаријатот за имплементација на Рамковниот договор во спроведувањето на овој процес. Идејата не е само да регрутирате луѓе, туку и како да регрутирате луѓе од специфични професионални категории што и' се потребни на администрацијата. Да не го пополнувате вештачки јавниот сервис, туку вработувањето да се прави според потребите на земјата. Во овој дел работите што не одат така добро. Се надевам дека натаму ќе има подобрување иако овој процес не е лесен. Сите земји со вакви прашања открија дека е многу тешко да се спроведе вакво нешто зашто ова не е систем на квоти и нема многу јасен рецепт за него. Она што е важно сега е Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор, кој го прави регрутирањето, и министерствата што треба да ги вработат, да се координираат подобро. Или, поточно, Секретаријатот да обезбеди кандидати кои навистина им се потребни на министерствата. Да се вработуваат луѓе во јавната администрација само за да седат дома, очигледно, не е добро.
Општото мислење е дека администрацијата е толку голема што не и' требаат нови вработувања, туку кастрења...
Тука јас не можам да помогнам. Економските институции треба да работат на ваков тип анализи. Мислам дека тоа е многу потребно.
Дали препораките на ОБСЕ за фер и слободни избори се прифатени во Македонија? Има ли гаранции дека следните избори ќе бидат подобри од претходните?
Околу имплементацијата на препораките многу работа веќе е завршена, но се' уште има отворени прашања. Да го прецизирам тоа подобро - многу работа е завршена, но ниту едно од прашањата не е затворено целосно. Сакам да споменам четири од нив. Прво, прашањето на капацитетот на изборната администрација. Моментно работна група подготвува обука и мерки за јакнење на капацитетот на Државната изборна комисија. Во однос на заплашувањата забележани на претходните избори, исто така, е формирана работна група која подготвува листа на препораки кои ќе доведат до нивно минимизирање. Повеќе експерти работат и на Изборниот законик кој се' уште чека и во одреден момент ќе биде испратен во парламентот. Последното отворено прашање е гласачката листа на која работи Министерството за правда. Досега таа е прочистена во три општини и треба да се заврши целосно. Кога ќе биде завршена, со задоволство ќе ја провериме, за да бидеме сигурни во нејзиниот квалитет. Владата вложи многу труд, но сето ова не е завршено. Тоа мора да се заокружи, бидејќи не можете да застанете на половина пат. Ако овие четири работи се подобрат, мислам дека има шанси следните избори да бидат подобри. Но, денес тоа не е така, иако сме поблиску и поблиску.
Не ги спомнавте финансирањето на партиите, притисокот на медиумите и купувањето на гласовите со јавни пари...
Финансирањето на партиите е вклучено во реформата на Изборниот законик, а купувањето на гласовите е дел од пакетот за заплашување за време на изборите. Се надевам дека и тука ќе ја завршиме работата и дека ќе биде минимизирано влијанието на овој фактор на изборите, преку јавно подигање на свеста и обука на политичките партии. Што се однесува до медиумите, на последните избори тие не беа толку лоши. Перцепцијата на Изборната комисија беше дека имаше неколку случаи, но се' заедно сите пораки беа испратени до јавноста на компетитивен начин. Така што, помалку или повеќе, работата на медиумите беше прифатлива. Сега има елементи што бараат извесно внимание, но факт е дека има плурализам во медиумите моментно.
Дали Македонија е подготвена да ја вклучи дијаспората во наредните избори?
Добро е, според мене, дијаспората да учествува во изборите, но сепак подготовките за нејзино гласање се многу бавни. Ќе мора да побрзате ако го сакате тоа.
Се согласувате ли со критиките дека премногу пари од буџетот одат во МВР и дека место реформи се' поголема е злоупотребата и присуството на полицијата во политиката...
На прашањето дали се потребни полициски реформи мојот одговор е „да“, и јас би ги ставил високо на агендата. Околу средствата дали се многу или малку, искрено не би можел да ви одговорам бидејќи тоа е дел од техничка евалуација што ние не ја правиме. Но, реформите се важни од повеќе причини. Тие беа одговор на конфликтот и на потребата за создавање вистинска мултиетничка полиција и полиција која е вистински сервис на луѓето. Исто така, полицијата е место каде што се присутни сите контрадикторности во поглед на човечките ресурси во целата администрација. Лани, кога Законот за полиција помина во парламентот, тој беше поддржан од нас и од сите меѓународни партнери, бидејќи беше потребен за да се професионализира полицијата.
Сега е подготвен и вториот закон, како и систематизацијата која ќе стане реалност со него и кои, се надевам, ќе ги видиме идната година. Со нив се утврдува како ќе се вработуваат, унапредуваат и отпуштаат полициските службеници, така што нема простор за сомневање во добрите намери на Министерството за реформи. Знам дека тоа е супер чувствително прашање, и политички и етнички, но тоа е тука и ние ќе го следиме и идната година.
За присуството на полицијата во општеството е најважно да бидат почитувани основните демократски принципи. Ние му помагаме на Министерството во подучувањето на полицијата како да се развие во сервис на заедницата. Не следиме случаи, односно следиме само некои, а генерално - не.
Досега вклучувањето на припадниците на малцинските заедници во полицијата се правеше експресно со неколкумесечни курсеви и обуки. Дали недостигот од професионалност во полициските редови денес може да е последица на тоа?
Двете работи не се поврзани. Реформите гарантираат правична застапеност во полицијата, а потоа се врши нивна обука. Можеби времето беше кратко, но се презедоа многу мерки што гарантираа квалитет на полициското дејствување.
Ја критикувавте етничката поделеност во образованието. Дали ситуацијата е подобрена или уште треба да се направи?
Состојбата е иста како минатата година, ниту полоша ниту подобра. Во почетокот на учебната година бев на отворање на мултиетничко училиште во Прељубиште и она што го слушнав беше многу позитивно. Визијата за иднината на оваа земја оди јасно преку интеграција на заедниците.
Подолг период работиме на тоа и се надевам дека ќе имаме нешто наскоро. Тоа е нивна политика, на Владата на ова земја. Исто така, сакам да и' се обратам на јавноста, бидејќи ова е нешто што Владата може да го охрабри или не, да го поддржи или не, но е општествен процес и зад кое треба да стои целото население. И кога правата на сите заедници ќе бидат гарантирани, и кога ќе се одговори на специфичните интереси, тие ќе мора да живеат заедно во природниот физички простор. Различноста треба да биде водич и целата земја колективно треба да види дека различните ентитети се богатство.
Мислите ли дека тој процес се заглави, бидејќи освен некои церемонијални примери, во реалноста ништо не се менува?
Да, процесот беше заглавен и сега правиме напори и мислиме дека се движиме во попозитивна насока. Имаме цела листа на идеи како да се подобри тоа. Не сакам, сепак, да бидам утопист и комплетно невин. Гледам дека работите одат во двата правци. Вистинскиот живот е во градовите, на пазарите, во фришоповите...
Дали на листата стои изучување на албански од страна на македонските ученици?
Ова прашање упатете и' го на Владата. Да почекаме малку и да видиме. Генерално, сметам дека учењето на јазиците на етничките заедници е позитивен развој за сите.
Сметате ли дека образованието е премногу исполитизирано?
Да, е. Секогаш е потребно по малку политика во образованието. Владата треба да дејствува, но, сепак, да ја остави политиката надвор од училиштата. Оставете ги децата сами да развиваат своја перцепција наместо да им ја наметнувате.
|