Економијата падни-стани
БДП во вториот квартал пораснал за незначителни 0,4 отсто, со што Македонија едвај не влезе во негатива
Александрија Стевковска
Бруто домашниот производ во вториот квартал од годинава пораснал за незначителни 0,4 отсто, со што економијата се извлече од негативата во која имаше загазено во првиот квартал, но не се оддалечи многу од неа. Овие најнови податоци за скромен економски раст воопшто не можат да се сметаат за охрабрувачки, во време кога сите останати земји на големо и' вртат грб на рецесијата и економската криза и се движат напред.
Токму минималниот раст на БДП во вторите три месеци оваа година не дозволи Македонија и официјално повторно да влезе во рецесија, со оглед на тоа дека растот во ланскиот четврти квартал од 1,2 отсто не' извлече од рецесијата, но не задржа на работ на економскиот амбис, кој во првиот квартал годинава повторно ја турна на колена економијата.
Инаку, првичните податоци на статистика за првиот квартал годинава покажуваа пад од 0,9 отсто, но по комплетирањето на податоците се покажа дека тој пад во првиот квартал бил многу подлабок и изнесувал минус 1,1 отсто.
Ова покажува дека македонската економија се' уште дише на жабри и дека е далеку заживувањето што го предвидуваше власта, вградено во оптимистичката проекција за раст на БДП годинава од цели 2 отсто, бројка на која се базираат сите останати буџетски параметри.
Експертите се едногласни дека растот од 0,4 отсто во второто тримесечје годинава, всушност, не е раст.
„Раст од 0,4 отсто споредно со лани, кога споредбената основа беше ниска и земјава беше во рецесија, покажува дека ние се' уште сме во криза. Низок процент од 0,4 отсто не е никаков знак дека економијата во земјава почнува да се раздвижува и единствено што илустрира е дека стоиме на истото економско ниво од лани. Сето тоа покажува дека и годинава ни се повторува ланската криза и дека Владата треба многу да внимава со проекциите за идната година. Преголем оптимизам за раст во 2011 година може да доведе до многу ризични ситуации“, вели Ванчо Узунов, професор на Правниот факултет.
Слично размислување има и професорот на ЈИЕ, Абдулменаф Беџети.
„Не мислам дека 0,4 е некој резултат. Не се резултат ниту 2 или 3 отсто раст. Треба да престанеме да се мериме со овие показатели. За реален раст е потребно поинаква структура на целата економија и друга политика која ќе ја смени економската ситуација во државава“, вели Беџети. Тој не сака да лицитира со бројки дали македонската економија со вакво темпо на движење ќе успее да оствари раст на БДП до крајот на годината од 2 отсто, што ги планира Владата. „Важно е каков е ефектот од растот и дали тој преведен во сиромаштија и вработувања значи нешто. Ако се анализира структурата и компаниите што го формираат БДП, ќе се види дека станува збор за истите компании за кои треба да се види колку тие придонесуваат за подобрување на стандардот, за зголемување на вработувањето, за намалување на сиромаштијата“, додава Беџети.
Најголем удел во извлекувањето на економијата од негативата, според статистичарите, имала финалната потрошувачка на домаќинствата, вклучувајќи ги и непрофитните институции што им служат на домаќинствата, кои во второто тримесечје од 2010 година пораснале за 4,7 отсто, а нивното учество во структурата на БДП зафаќа 74,2 отсто.
За истиот период, вели Државниот завод за статистика, извозот на стоки и услуги забележал зголемување во номинален износ од 23,1 отсто. Во истото тримесечје, пак, поголем пораст од 3,9 отсто покажале и секторите сообраќај, складирање и врски и финансиско посредување, како и активности во врска со недвижен имот, кои пораснале за 3,2 отсто. Анализирајќи ја структурата, може да се види дека во вториот квартал годинава БДП во земјоделството пораснал за 0,1 отсто, што се многу полоши, пак, позиции од првиот квартал кога земјоделството забележало раст од 5 отсто. Вторите три месеци забележале драстичен пад на градежништвото од цели 12,1 отсто, што илустрира дека помалку се градело, но и дека неисплаќањето на обврските на државата кон градежните фирми си го зеде својот данок во падот на оваа гранка. Слабиот стандард на граѓаните се покажува и преку трговијата која бележи пад и во април, мај и јуни кога застанала на нула. Финансиското посредување, исто така, бележи раст од 3,2 отсто.
Минималниот раст на БДП во вториот квартал годинава беше очекуван со оглед на останатите економски показатели кои се поразителни. Така, директните странски инвестиции во земјава доживеаја пад од 0,9 отсто во првата половина од годинава во однос на истиот период минатата година и паднаа до нивото од 116,5 милиони евра. Расте извозот, но и увозот. Растот на увозот се должи, пред се', на зголемениот увоз на возила и тоа за 330 отсто поради одлуката на Владата да дозволи увоз на возила постари од 10 години. |