ТВ-фотелја
Калеш Анѓа РОБЕРТ Д. КРСТЕВСКИ
На што се должи големата популарност на турските телевизиски серии во Македонија, пред која капитулира и Канал 5, која од неодамна почна со емитувањето на „Збогум засекогаш“? Сите ќе речат дека причината лежи во блискоста на менталитетите и во ориенталното наследство, но значајна, ако не и клучна улога, има - музиката. Кому уште не му ѕвонеше мобилниот телефон во тактот на насловната нумера на „1001 ноќ“ од композиторот Кирач, која можеше бесплатно да се симне од веб-страницата на А1 додека одеше серијата? Денес, пак, владее вистинска манија по музичката подлога ��а „Плачот на виолината“ на Сител, заразна меланхолична креација на Тојгар Ишикли. Ништо помал не е интересот на македонската публика ни за музиката во „Кога лисјата паѓаат“ на А1, која исто така може слободно да се даунлодира од интернет-страницата на телевизијата.
Во 70-тите години од минатиот век владееше вистинска еуфорија по романтичната драма „Љубовна приказна“ со Али Мекгроу и Рајан О’Нил во главните улоги, меѓу другото и поради музиката на Френсис Лаи, која беше наградена и со Оскар. Десетина години подоцна сите лудуваа по серијалот играни филмови за тајниот агент Џемс Бонд, кои и денес се препознатливи за љубителите на подвижните слики по носечките нумери, на пример „Дозвола за убивање“, „Златно око“ итн. На Хрватите ќе им остане во сеќавање Тоше Проески и по песната со која почнуваше и завршуваше сапуницата „Забранета љубов“.
Музиката, очигледно, е неопходната мирудија што му дава посебен вкус и влијае врз привлечноста на филмските остварувања, сеедно дали станува збор за такви наменети за големото платно или за малиот екран. Може ли некој да замисли игран филм или телевизиска серија без музичка подлога? Тоа би било како весник без фотографии или како радио програма исполнета само со говор. Па, и во времето на немиот филм се користела музичка заднина како надополнување на сликата, иако тогашниот развој на техниката овозможувал само титлување на дијалозите.
Враќајќи се повторно на турските серии, поточно на музиката во нив, човек не може да остане рамнодушен и поради зајмувањето од македонското музичко наследство во некои од нив. Во сцената од „Кога лисјата паѓаат“, во која Лејла полудува од тоа што сопругот Огуз ја изневерува со сестра и' Неџла и во напад на бес крши се' пред себе во домот, како подлога оди инструментална верзија на македонската народна песна „Калеш бре Анѓо“! Несреќниот лик од опеаниот вистински настан од отоманскиот период се самоубива, одбивајќи да ги смени националноста и верата и со тоа да ги ужива сите привилегии, но неколку века подоцна Турците најдоа начин да ја „потурчат“ Анѓа, а на Македонците тоа да не им пречи. Напротив.
|