Каспаров и Топалов доаѓаат во Македонија?
ШФМ ќе гласа за Карпов и за Данаилов за претседатели на ФИДЕ, односно на ЕКУ. Ако победат, тие ќе ги донесат поранешните светски прваци во шах до крајот на годината
Роберт Димитриевски
На 29 септември ќе се знае дали Македонија наскоро ќе ги нагости поранешните светски шампиони во шах Гари Каспаров и Веселин Топалов. Тој ден, како придружен настан на Олимпијадата во Ханти Мансијск, ќе се изврши изборот на првите луѓе на Меѓународната шаховска федерација и на Европската шаховска унија. Делегатот на Шаховската федерација на Македонија, Никола Митков, ќе гласа за Анатолиј Карпов за претседател на ФИДЕ и за Силвио Данаилов за прв човек на ЕКУ. За возврат, Карпов вети дека во случај на победа ќе го донесе својот сојузник Каспаров, кој би му бил десна рака и фактички би раководел со ФИДЕ. Данаилов, пак, како менаџер на Топалов, се обврза дека неговиот клиент ќе одржи симултанка во Македонија ако ја добие довербата на делегатите на ЕКУ.
„Управниот одбор на ШФМ едногласно реши да ги поддржиме Карпов и Данаилов. Карпов е светски познато шаховски име, некогашен светски првак и од таа гледна точка сметаме дека ќе има поголем слух за самите шахисти отколку актуелниот претседател Кирсан Илјумжинов. Емисари на Карпов неодамна дојдоа во Скопје и понудија помош во шаховски софтвер и во учебници за развојот на пионерскиот и на младинскиот шах, како и по 15.000 долари годишно во следните четири години, ако државата дополнително обезбеди половина од таа сума. Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Диме Спасов, веднаш се согласи“, објаснува претседателот на ШФМ, Благоја Богоевски. „ФИДЕ со Карпов на чело би софинансирал и два-три турнира во Македонија по истиот сооднос 1:2. Луѓето на Карпов ветија и посета на Каспаров до крајот на годинава, што би имало огромно позитивно влијание врз популарноста на древната игра во државава. Од Илјумжинов, пак, не добивме никаква конкретна понуда“.
Барајќи го македонскиот глас во битката за наследник на Словенецот Борис Кутин, Бугаринот Данаилов ги понудил сличните услови како Карпов, плус доделување Европско јуниорско првенство и ветување дека Топалов ќе ја посети Македонија. Германскиот кандидат не се ни јавил, а турскиот, Нихат Јазичи, најавил дека ќе дојде, но не го сторил тоа.
Карпов и неговите приврзаници, меѓу кои и лутиот ривал во мечевите за светски првак Каспаров, поранешните кандидати за светски шампион Мајкл Адамс и Најџел Шорт и највисокорангираниот шахист во моментов Магнус Карлсен, водат жестока битка со таборот на Илјумжинов. Мнозинството од делегатите на Руската шаховска федерација прво ја поддржаа номинацијата на Карпов за нејзин кандидат за претседател на ФИДЕ. Но, по гласањето беше извршен упад во просториите на РШФ од обезбедувањето испратено од претседателот на Надзорниот одбор и потпретседател на Федерацијата до лани, Аркадиј Дворкович, сега прв човек на Рускиот олимписки комитет и висок функционер во Кремљ. На повтореното гласање победи Илјумжинов, но Карпов снимката од првото гласање ја испрати како прилог на тужбата до Меѓународниот арбитражен спортски суд во Лозана. Тужбата ја поткрепија и шаховските федерации на САД, Франција, Германија, Украина и Швајцарија, барајќи дисквалификација на Илјумжинов од претседателската трка поради „нелегален избор за претседателски надидат“. Првиот човек на ФИДЕ побара да се одложи разгледувањето на барањето, но Судот го прифати барањето на Карпов и објави дека ќе се произнесе следната седмица.
Заедно со наведените пет федерации, како и Англија и Македонија, Карпов засега ја има поддршката на само 23 членки на ФИДЕ, наспроти 93 што се очекува в среда во рамките на 81. Конгрес да гласаат за Илјумжинов. ФИДЕ има 170 членки, од кои 54 од Европа, 47 од Азија, 35 од Северна и Јужна Америка и 34 од Африка.
„Престижот на титулата светски шампион во шах е намален. Илјумжинов направи сериозна штета на угледот на федерацијата“, обвини Карпов во едно интервју.
„Во Русија секогаш треба да ги гледате бизнис интересите што стојат зад секој јавен конфликт“, дополнува Каспаров. „Луѓето што ги водат финансиите во ФИДЕ живеат во места како Атина, а благајникот е од Бермуди. Можете ли да ми кажете што нормално прават финансиските советници од Бермуди?“.
Дворкович од друга страна им пиша на националните федерации, барајќи да гласаат за Илјумжинов, бидејќи тој подобро би менаџирал со ФИДЕ.
„Придонесот на Карпов за шахот е несомнен, но водењето меѓународна федерација бара огромни менаџерски напори и сметам дека Илјумжинов може подобро да се справи со тоа“, напиша Дворкович.
„На Русија и' донесов најмалку 16 светски титули. Се борев за мојата земја“, реплицира Карпов. „Со сиот должен респект кон Дворкович, кој му е помошник на претседателот за посебни економски програми, зошто тој мисли дека го познава шахот подобро од мене?“.
Останувањето на чело ФИДЕ за Илјумжинов би требало да биде некаква компензација од Москва. Шефот на руската држава Дмитриј Медведев во вторникот не го предложи за нов мандат на функцијата претседател на автономната република Калмикија, место него именувајќи го Алексеј Орлов.
Анатолиј Карпов беше светски шампион од 1975 до 1985 година, како и од 1993 до 1999. Ја предводеше руската репрезентација на Шаховската олимпијада 1972 во Скопје, а учествуваше и на турнирите „Денови на солидарноста“ во 1970-тите.
Кирсан Илјумжинов веќе 15 години ја „топли“ првата фотелја во ФИДЕ. Ја зголеми комерцијализацијата на шахот, а неодамна му понуди 10 милиони долари на градоначалникот на Њујорк за откуп на земјиштето на кое се наоѓаа урнатите кули-близначки за изградба на светски шаховски центар и на меѓународна шаховска академија. Познат е најмногу по огромното и мистериозно стекнато богатство, по помошниците што беа уапсени за убиството на новинар, како и по своите тврдења дека бил посетен од вонземјани во жолти костуми. |