„Њујорк тајмс“ за Македонија
Привлечноста на грозјето
„Бимилк пекорино“ претставува синергија на италијанска експертиза и македонска традиција, тип сирење со одличен квалитет
Кен Белсон
Oпкружената со копно Македонија, честопати се чувствува како заборавено место, сместена меѓу Грција, Албанија, Косово, Србија и Бугарија. Со векови, изгледаше дека е дел од некое друго место, вклучувајќи ја и до пред две децении, Југославија. Спротивно на Хрватска, со своето извонредно крајбрежје, или Сараево со своите високи планини, Македонија се обидува да го привлече вниманието на светот уште откако ја доби својата независност во 1991 година, и има недостиг на привлечност за дестинација која мора да се види. Освен малкуте тврдини и неколку колоритни чаршии, градовите во земјата не се ништо посебно.
Меѓутоа, оние кои одвоиле време да допатуваат тука, честопати се изненадени од нејзиниот рустикален шарм и богатата историја. Македонија е крстопат речиси онолку долго колку што е на картата, таписерија од култури и освојувачи, некои очигледни во многуте археолошки локации во главниот град Скопје, и долж навидум секое попатно место за одмор.
Како што дознав при посетата оваа пролет, најдоброто лице на Македонија е надвор од нејзините градови, каде планинските врвови покриени со снег, живописните езера и селата сокриени во стрмните долини, даваат слика на загубено кралство. Дури и најголемата туристичка дестинација во земјата, Охридското Езеро, мирно езеро на границата со Албанија, привлекува далеку помалку туристи отколку преполните места како на пример Венеција.
Само прекрасните пејсажи ретко се доволни за да ги задоволат туристите. Тоа е и причината зошто ми беше мило што открив неколку нови и динамични лозја што обезбедуваат едноставна, евтина причина да се посети внатрешноста на Македонија.
Виното, како што изгледа, играло централна улога во Македонија барем од римско време, кога императорите кои биле на власт го обожувале македонското грозје. Благодарение на мноштвото сончеви денови, медитеранската и континентална клима, и богата карпеста почва, виновата лоза успева во Македонија. Таа е толку распространета што голем број семејства прават сопствени винарски визби. Свети Трифун, светецот заштитник на виното и производството на вино, се прославува на 14 февруари, кога лозарите ги кројат нивните лозја.
И покрај изобилието од грозје, инертната економија и децениите од социјалистичко владеење (кога власта го контролираше производството и дистрибуцијата), го сопреа развојот на софистицирана винска индустрија.
Додека хрватските и бугарските вина го преплавија меѓународниот пазар, Македонија се' уште е позната главно како производител на наливно вино што се препакува и продава во британските и германските супермаркети.
"Тука има голема култура за вино, но ние земаме се' здраво за готово", вели Јованка Цветкова, производител на вино во Винарската визба "Грков". "Ние не сме пазарно ориентирани, ние сме екссоцијалисти. Па ние сме скромни и не толку добри во маркетингот".
Со малку истражување и пристап до автомобил, посетив неколку нови винарски визби за кои, како што се надеваат нивните сопственици, еден ден ќе го формираат јадрото на просперитетната индустрија за еко туризам.
Можеби никој не прави повеќе за да ја реализира таа цел отколку Јордан Трајков, основачот на Винарската визба "Попова Кула". Поранешен инвестициски банкар со магистратура по бизнис администрација, Трајков ја изгради "Попова Кула" по примерот на лозјата што ги видел во винскиот регион на Калифорнија. Тој ја изгради својата винарска визба во Тиквешката Долина. До областа лесно се стигнува за оние кои се сместени во Скопје, околу 100 километри на север, или за туристите кои патуваат меѓу други балкански земји и Грција. Демир Капија, град во центарот на производството на вино, е на околу половина пат меѓу Белград и Атина.
Како "Грков", "Бовин", "Стоби" и другите винарски визби што ги посетив, "Попова Кула" произведува неколку бели вина кај кои преовладува сувата нишка, и се' поголем број побогати црвени вина, а најпознати од нив се оние кои се направени од грозјата "вранец" и "станушина", две локални сорти.
За производство на вина од светска класа потребни се децении, и според признанието на винарот, нивните лозја се работа во прогрес. За мене, случаен турист, и уште повеќе повремен консумент на вино, тоа беше ирелевантно. Посетата на винарските визби и вкусните јадења беа начин да се истражи земјата која не е преплавена од туристи, очекувања или високи цени.
"Сакам да ја презенетирам Македонија надвор од нејзините граници", вели Трајков. "Добивање поголема конкуренција од нови винарски визби значи и повеќе туристи и за мене".
Дваесетминутната тура низ "Попова Кула", шест години стара винарска визба вклучува и посета на подземните визби опремени со најсовремена италијанска технологија. Потоа ручав со некои австралиски пријатели на балконот од кој се гледаа седумте хектари лозје, а во позадина планини ишарани со сончеви зраци.
Навикнат на келнери желни за бакшиш, честопати бев фрустриран од бавната услуга во Македо��ија. Меѓутоа, кога пристигна храната таа беше подеднакво обилна, евтина и главно здраво. Речиси секој оброк вклучуваше салата од домати, краставици, сирење и понекогаш цвекло, зелка и маслинки. Во "Попова Кула" делевме чинија сарма од лозов лист и полнети црвени пиперки со меко сирење и модар патлиџан што одлично оди со црвено вино. Средно печената пастрмка, друг локален специјалитет, беше нашето главно јадење. Заедно со пијалокот сметката изнесуваше само 60 долари за три возрасни и две деца.
"Попова Кула" има најдобро сместување од кој било од десетината винарски визби што ги посетив, и прекрасна кула над хотелот со поглед од 360 степени врз долината. Собите се пристојни и пријатни, и чинат 30 до 90 евра за ноќевање, зависно од големината на собата, што е добра зделка.
Еко туризмот е се' уште релативно нов концепт во Македонија, но винарите и другите угостители се обидуваат да го променат ова со помошта од СНВ Ворлд, холандска група за развој која промовира одржлив туризам. Покрај поставувањето знаци, ставањето корпи за отпадоци и дизајнирањето на патеки, групата има веб сајт на англиски јазик за поврзување со малите гостилници каде гостите може да резервираат соба. "Би кажал дека целиот регион е во почетна фаза, меѓутоа луѓето работат на развој на областа, бидејќи конкуренцијата доаѓа тука од Србија, Босна, Црна Гора", вели Нехат Рамадани, советник во СНВ Ворлд. "Имаме многу природа надвор од градовите. Ова е вистинската средина".
Откако уживавме во ручекот во "Попова Кула", се возевме 30 минути назад кон Скопје за да ги посетиме археолошките ископини во Стоби. За 120 денари (околу 2,50 долари) локален водич не прошета низ остатоците од градот во кој порано живееле 20.000 жители, но бил уништен од земјотрес во 6 век. Ископувањата вклучуваат базилика со богато украсени мозаици и поголемиот дел од амфитеатарот каде гладијаторите некогаш го воделе своите битки. Имињата на сопствениците на сезонски билети се испишани на старогрчки и латински на нивните камени седишта. Пауни се шетаат низ местата каде, несомнено, порано течело вино.
Локацијата изгледа како метафора за Македонија: 80 проценти од загубениот град не е откопан, додека 20-те проценти што ги видовме ни' даваат претстава за богатото минато на земјата. За време на турата немаше други туристи. Изгледаше како самите да сме пронашле антички град, барем засега. ("Њујорк тајмс")
|