Обиколницата почна да попушта
Делницата што ја градеше „Терна“ на влезот од Сарај во Скопје веќе неколку дена се реконструира
Сања Наумовска
Обиколницата кај скопското село Стопански Двор веќе неколку дена целосно се реконструира. Две години по пуштањето во употреба на автопатот, се свлече асфалтот на делница во должина од 150 метри. Овој дел од обиколницата го градеше грчката фирма „Терна“, која деновиве со своите подизведувачи беше ангажирана за поправка на оштетениот дел. Во текот на изминатите четири дена асфалтот на коловозот целосно беше изгребан, а три градежни фирми поставуваа нов слој и ги преуредуваа шахтите. Заради реконструкцијата, затворени се одредени делови од обиколницата, а сообраќајот го регулираат полициски патроли.
И вчера се поставуваше асфалт. Градежните работници не сакаа да коментираат каков дефект поправаат, а за изјави упатуваа на шефовите, кои, пак, не беа присутни на градилиштето. Според работниците, ќе се работи најдоцна до утре кога се очекува целосно нормализирање на сообраќајот.
Од Агенцијата за државни патишта, пак, информираат дека се работи за мал зафат што бил предизвикан од пропаѓање (свлекување) на земјиштето. Сепак, не појаснуваат од кои причини се случило поместувањето, односно дали се работи за пропусти во подготвителните работи при испитувањето на теренот или можеби за неквалитетна изградба. Не добивме одговор ниту на прашањето колкава е штетата направена само две години по пуштањето во употреба на автопатот, по кој е евидентно дека интензитетот на сообраќај ни оддалеку не е таков каков што би се очекувал на обиколен пат за главен град.
„Моментално се работи на санација на мал потег, во должина од околу 150 метри. Станува збор за слегнување на земјиштето. Веднаш се преземени мерки за санација, а сега се асфалтира. Бидејќи трасата е се' уште во гарантен период, работите на терен ги изведува градежната компанија ’Терна“, која беше изведувач на оваа фаза од обиколницата“, велат во Агенцијата за државни патишта.
Коментар за тоа каде треба да се бара одговорноста за пропаѓањето на патот само две години од пуштањето во употреба, вчера не добивме ниту од Градежниот институт „Македонија“, задолжен за надзор на изградбата на обиколницата на делот што го градеше „Терна“.
Бранко Стефановски, главен надзор на втората фаза од изградбата на автопатот, смета дека новинарите не биле подготвени за дискусија, бидејќи делницата каде што е оштетувањето ја нарекувале мост, односно надвозник, а тоа, всушност, бил насип меѓу два потпорни ѕида. Тој не сакаше стручно да ја објасни разликата. Не сакаше да каже ни дали фактот дека се работи за насип треба да биде оправдување за реконструктивниот зафат што е во тек, а уште помалку да прокоментира евентуален пропуст токму на надзорниот орган.
Дека надлежните ќе мора да одговорат која е причината и кој е виновникот за настанатиот проблем, е повеќе од јасно. Дотолку повеќе што ова е втор пат да се интервенира на истото место. И лани во август дојде до слегнување на насипот кај Стопански Двор. Проблемот бил евидентиран само четири месеци откако официјално беше пуштена во употреба делницата што ја градеше „Терна“. И тогаш како и сега се јави ист проблем, кој надлежните се обидоа да го минимизираат. Некои градежници тогаш објаснуваа дека проблемот настанал поради лошо извршеното фундирање и дека не се оставени специјални отвори во ѕидот, барбакани низ кои би истекувала водата.
Лани во август од Агенцијата за државни патишта ни беше објаснето дека на насипот не биле направени барбакани, бидејќи такво нешто не предвидел проектот, но доколку и би постоеле, можеби би направиле поголеми проблеми. Во Агенцијата сметаа дека објективно нема проблеми, бидејќи се' е во гарантниот рок, така што „Терна“ ќе го реши проблемот! Но, како што се покажа, проблемот се повторува. |