Денис Хопер
Распродажба на уметничките дела на актерот
Аукциската куќа „Кристис“ во ноември оваа и јануари наредната година ќе организира продажба на сликите на славниот актер Денис Хопер, кој во мај годинава почина од рак. Хопер беше познат љубител на уметноста, па „под чекан“ ќе одат 200 парчиња од неговата приватна колекција, меѓу кои и оние на Жан-Мишел Баскиат и Енди Ворхол, пишуваат американските медиуми.
Портпаролката на споменатата аукциска куќа, Кати Елкис, колекцијата ја опишува како „лична, ултимативна и значајна за пазарот“, а највисоката цена од 7.000.000 долари очекува да ја постигне продавајќи неименувано дело од Жан-Мишел Баскиат, додека портретот на Хопер од 1971 година, дело на легендарниот уметник Енди Ворхол, треба да постигне цена од 1.200.000 долари.
„Денис Хопер беше беспрекорен творец, рече за актерот, шефот на куќата „Кристис“, Марк Портер. „Замислената, лична збирка уметнички дела ја претставуваше неговата страстна и длабока врска со уметниците, чии дела беа собирани со години“, додаде Потер. |