Едиторијал
Писателите задушени во локалното трло
Сунчица Уневска
Каде се наоѓа македонската култура денес? Дали денеска таа умее подеднакво да ги препознава вистинските вредности, како што го правеше тоа некогаш и како што сака да докаже и покаже низ традицијата на некои големи манифестации во нашата земја. И дали овие манифестации и челните луѓе во нив го носат и натаму творечкиот дух или се претвориле само во обична формалност?
Тоа се прашањата што се наметнуваат откако ниту челниците на Струшките вечери на поезијата ниту, пак, Друштвото на писатели на Македонија не сметаа за потребно да ги одбележат заминувањата на две врвни поетски имиња во светот, кои токму Струга ги чествуваше, славејќи го нивното творештво и придонес во светската поезија.
Во текот на само две недели светот загуби две исклучителни поетски фигури што ја одбеле��аа втората половина на 20 век. Со својот дух, со својата визија, авангардност и смелост легендарниот руски поет Андреј Андреевич Вознесенски (77) и еден од столбовите на италијанската литература Едоардо Сангвинети (79) успеваа во многу турбулентни времиња за својата земја, но и за светот, да ги придвижуваат границите. Затоа и нивните дела лесно ги поминаа националните граници, отворајќи нова визија за своите современици, во обидот низ суптилноста на стиховите и силината на зборот да го изменат светот околу себе.
Македонија ги чествуваше овие поети доделувајќи им го „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата, гордо, секојпат одново докажувајќи ја својата големина да ги препознае и да ги награди вистинските творци и да ја вознесе нивната голема мисла и моќ изразена низ уметноста на нивните стихови. На тој начин Струга си создаде реноме и во светот, но и дома, како манифестација која се грижи за светските културни текови и која умее да ги чествува без оглед на тогашните бариери и турбуленции, низ кои можеби тие автори мораа да поминат во своите земји.
Не. Во Струга немаше граници, таа така и се докажа пред светот дека негува манифестација, која лесно ги поминува сите меридијани, која не признава граници и која гради мостови меѓу земјите, народите, световите, токму низ прекрасните стихови и нивните пораки. Таква беше Струга, таква ја знаеме и со таква манифестација се гордееме. Со традицијата која нашите писатели со својата упорност низ годините умееја да ја создаваат и градат.
Но, што се случува денеска? Заминувањето на Вознесенски и Сангвинети, кои беа лауреати во Струга во 1984 година и во 2000 година, не беше одбележано никаде, на никаков начин, освен со молк. Што значи тоа? Дека веќе не го вреднуваме ни она што самите сме го создавале, бидејќи ако ништо друго, ако немавме чувство да проговориме за овие големи автори и интелектуалци поради она што на светот му го оставија, тогаш барем требаше да ги споменеме како дел од историјата на нашите Струшки вечери на поезијата.
Ако не умеевме да го чествуваме нивниот збор и мисла со кои го задолжија светот, по редот на работите, бидејќи нивната оставина секако треба да биде доволна причина за тоа, тогаш требаше да ги чествуваме како наши лауреати. Но, се чини дека нашата манифестација, која последниве години минуваше низ кризи предизвикани со политичките влијанија, како да заборава на својот влог и на сето она што низ годините самата го создаваше.
Им дадовме награда и сега можеме да ги заборавиме. Дали тоа е пораката на СВП и на нашите писатели, како нејзини идејни творци. Дури и не само политиката, туку се чини дека некако се' повеќе сме толку заглавени во локалното, што веќе го забораваме и она што некогаш сме го правеле. Струга имаше цел да изгради мостови, да ги приближи културите, нејзина мисија беше да биде прозорец кој ќе ни покаже што се случува во светот. А која е нејзината мисија денес? Се чини дека денеска како да немаме време за светот, оптоварени со тоа како во овие услови денес да го зачуваме сопствениот интегритет. До таму ли дојдовме? |