ВАЦ останува во регионов
Медиумската компанија нагласува дека станува збор за проблем само во Србија
Германската медиумска групација ВАЦ, која објави дека се повлекува од Србија, ги нарече тврдењата дезинформација и фалсификат дека ќе се повлече и од други земји во регионот. Во вчерашното соопштение до медиумите на компанијата, чие седиште е во Есен, се вели дека станува збор за постојни проблем само во Србија. Германските стопанственици, пак, одлуката за повлекување на ВАЦ од Србија ја нарекоа горчлив противудар, но очекуваат дека ќе доведе до подобрување на условите за стопанисување во Србија.
„Тврдењето дека одлуката на медиумската групација ВАЦ да се повлече од Србија е донесена поради економските проблеми во Германија, е целосно неосновано“, се вели во соопштението до медиумите. Притоа се додава: „Да се тврди дека медиумската групација ВАЦ би донела одлука да се повлече и во другите земји, претставува дезинформација и фалсификат. Токму спротивното - на 17 јуни генералниот директор на ВАЦ, Бодо Хомбах, нагласи дека и покрај тоа што на времето имаше такви намери, нема да има повлекување од Австрија“.
Според ВАЦ, тврдењата дека медиумската групација планира комплетно повлекување од Југоисточна Европа, всушност, се обид да се одвлече вниманието од фактот дека станува збор за постојни проблеми само во Србија. „Тоа може да се заклучи и од вчерашното соопштение на влијателниот претседавач на Источниот одбор на германското стопанство, Клаус Манголд“, се вели во реакцијата на ВАЦ.
Од страна на Стопанската асоцијација на Германија се вели дека повлекувањето на ВАЦ од Србија го примиле со жалење, особено поради тоа што медиумската компанија долги години беше ангажирана во земјата со повеќемилионски инвестиции.
„Се надевам дека најавеното повлекување ќе биде перцепирано како сигнал за аларм и ќе доведе до повторно подобрување на условите за инвестирање“, изјави претседателот на Источниот одбор, Клаус Манголд. „Компанијата ВАЦ со своите партиципации во весници има дадено значителен придонес во развојот на модерното медиумско опкружување во Србија, како и за приближување на земјата кон ЕУ и беше подготвена да го прошири својот ангажман. Но, за жал, најпосле преовладаа отпорите од домашната страна“. Манголд изрази надеж дека, сепак, ќе дојде до решение и до продолжување на ангажманот на ВАЦ. „Овде српската страна е на потег“, рече Манголд. „Германското стопанство внимателно следи како се однесуваат со овој важен инвеститор“. Тој појасни дека српската влада во разговорите водени во јануари им навестила натамошно подобрување на рамковните услови за инвестирање. „Повлекувањето на медиумската групација ВАЦ би фрлило лошо светло врз ваквите најави“, појасни Манголд.
Новинската издавачка куќа ВАЦ во Србија има сопственост од 50 отсто во белградска „Политика“ и е мнозински сопственик на новосадски „Дневник“ со 55 отсто . Покрај ова, ВАЦ е сопственик и на киосците за продажба на фирмата „Штампа“. За својата одлука го известила и српскиот претседател Борис Тадиќ. „ВАЦ се надева дека нема да ја напушти земјата во кавга и покрај големите тешкотии и јавни клевети“, соопшти претходно ВАЦ.
ВАЦ е трета новинска издавачка куќа по големина со над 500 изданија во Австрија, Унгарија, Бугарија, Хрватска, Романија, Албанија, Македонија и Русија. (Д.Р.) |