Несрин Таир
Со име на дивата роза
Со 10-годишна кариера како професионална актерка, Несрин Таир чувствува дека наградата за епизодна улога од ТФ „Војдан Чернодрински“ и' доаѓа како своевиден репер, под кој веќе никогаш не смее да падне
Јасминка Павловска
Со името Несрин, родителите и' ја дарувале својата желба да израсне и да се справува со предизвиците на животот како дива роза. И така сегашната актерка на Турската драма во Скопје, Несрин Таир, наградена за најдобра епизодна улога на неодамна завршениот ТФ „Војдан Чернодрински“, ги прифаќа, им се спротивставува, ги скротува искушенијата со името на дивата роза. Зашто Несрин на турски значи токму тоа - дива роза.
Со десетгодишна кариера на професионална актерка (а првата улога и' е уште на втората година од студиите на ФДУ), Несрин чувствува дека оваа награда за улогата на Кристина во „Госпоѓица Јулија“ и' доаѓа како своевиден професионален репер, под кој веќе никогаш не смее да падне.
- Оваа награда за епизодната улога на Кристина во претставата „Госпоѓица Јулија“ ја доживувам како резултат на креативниот процес, воден од режисерот Александар Поповски, асистентката Лука Кортина и, секако, соработката со колегите Сузана Акбелбе како Јулија, Осман Али и Салаетин Билал. Имавме 45 дена за подготовка, а Александар Поповски постави една таква здрава структура, па ќе ја наречам и конструкција на претставата, што едноставно, емотивните набои на личностите се прелеваа едни во други и ми се чини дека секој лик го одредуваше и не можеше без другите. А се погодивме и како екипа и едноставно ни се случи театар - размислува една недела по наградата, Несрин Таир.
Што се донесува до нејзиното интимно доживување на наградата, таа вели:
-Во тие 24 часа откако ми соопштија дека сум добила награда, преку свеченото доделување, до следниот ден кога отидов на проба за друга претстава, се чувствував како да талкам низ среќата. Кога го читаа образложението за мојата награда, се чувствував како што никогаш претходно не сум се чувствувала - ниту на училиште кога ме оценувале, ниту на испит, ниту, пак, на премиера... Обично, јас со мојата игра донесувам други ликови. Во случајот со наградата, се чувствував како јас да сум „другиот лик“. Но, наградата, тремата, сите чувства, веројатно, ќе стивнат и ќе се заборават. Само во мене ќе остане сознанието и некоја сигурност како потврда дека ја работам вистинската работа. И, секако, одговорноста дека веќе никако не смеам да паднам под ова ниво во мојата професија - заклучува Несрин.
Додека зборува за театарот, актерството, улогите... Несрин звучи како зрела личност, која се придржува до мудроста дека на секоја возраст можеш од секого да учиш - и од постарите и од помладите.
- Чувствувам дека одамна сум влезена во светот на возрасните - се навраќа госпоѓицата Таир. Уште на 18 години се осамостоив кога од Куманово дојдов да студирам во Скопје. Сакаш-не сакаш, студентскиот живот те осамостојува. Во професионална смисла не знам дали би можела да кажам дека сум порасната. Во мојот театар, Турската драма, имам чувство дека сум најстара од младите. За среќа, последниве години во театарот се собра навистина млада екипа. Јас сум подготвена да учам, да прифаќам совети од сите. Зашто секоја возраст си има свој резон, своја мудрост. И верувам дека додека ја имам таа подготвеност, таа отвореност за комуникација, искреност во реакциите можам да се сметам за млада. Некогаш се фаќам себеси дека дури наивно ги сакам луѓето. Едноставно, им верувам. Кога некој ќе почне да калкулира со професијата, да манипулира со блиските и со пријателите, кога нема да почувствува дека го изгубил срамот - тогаш веќе е возрасен. Или, поточно, стар со духот! Се надевам дека во тој поглед нема да ја загубам таа детска наивност.
Кога се навраќа до детството, Несрин верува дека во семејството, во енергијата на семејната љубов се создал нејзиниот природен порив кон играта. Мајка и'- новинарка во локалните медиуми во Куманово, сериозно ја поддржувала желбата за креативна игра и кај неа, и кај сестра и'- денес режисерка во Турција. Нивниот најмлад брат е некаде на средина меѓу уметноста и реалноста - камерман во локалната телевизија. Несрин се сеќава дека уште во основно училиште одела на часови по модерен балет, латино - танци, дури и играла во група за модерен балет „Ултра“. Во една пригода кога во Кумановскиот театар биле потребни балерини за самовили во претставата „Сонот на летната ноќ“, професорката по балет, Александра Нацовска, ја испратила Несрин со уште неколку девојчиња.
- Тогаш првпат стапнав на театарската сцена и веќе не се симнав од неа - низ смеа се потсетува Несрин. Некако природно ми беше и мене и на сите мои блиски да учам за актерка. Кога сестра ми замина во Турција да студира режија, сите мислеа дека по две години и јас ќе заминам да студирам таму. Но, јас немав амбиција да заминам од Македонија и останав да студирам на ФДУ. Се' уште не можам да си објаснам зошто не можам да заминам од Македонија, што толку ме врзува овде. Не е тоа рационално чувство. Со театарот навистина многу патуваме. Дури и сум имала некои понуди за ангажман во Турција. Минатата година и работев на серијата „Балкански свадби“ што се снимаше кај Битола, но не сум сигурна дека би можела да функционирам во таква машинерија. Убаво е тоа искуство, но јас си го сакам својот дом и мир. ��ожам да патувам, но секогаш да се враќам дома. Барем до сега, таква ми е ментално - емотивната композиција.
По првата професионална улога на штиците во Турскиот театар во Скопје, во претставата „Бунт во домот за старци“ од Венко Андоновски, во режија на Димитар Станковски, Несрин има соработувано речиси со сите македонски режисери. Моментално работи со Слободан Унковски, кој ја подготвува јубилејната претстава на Турскиот театар, есенва.
- До 7 јули ќе ја работиме јубилејната претстава, па потоа заминуваме со „Госпоѓица Јулија“ на фестивал во Умаг, Хрватска. Кога ќе се вратиме играме претстава на „Охридско лето“, во септември патуваме за Кипар, а треба да гостуваме и во Лондон... Навистина ни е згуснат распоредот и тоа ме радува, исклучиво како професионална сатисфакција, а не како желба за слава. Славата и популарноста не ја доживувам како потреба за непотребно експонирање. Не дозволувам нејзината бура да ме понесе - категорична е Нерсин, како дива роза што решително се извишува кон небото, но коренот и' е во земјата. |