Ден за најголемиот кралски настан во Европа во новиот век
![](WBStorage/Articles/5225351D3B39B5458F52F3A1A4AF3A99.jpg)
Денес, 19 јуни, кога часовникот отчука полноќ во позлатената сала за балови, во Кралската палата во Стокхолм, принцот ја поведе својата принцеза на првиот валцер на вечерта, додека присутните од кралските семејства во Европа ги гледаат со одобрување. Гламурозниот полноќен бал ќе биде последниот настан на овој историски ден и момент на уживање за Неговото кралско височество, принцот Даниел - поранешен инструктор по фитнес, познат како Даниел Вестлинг, од едно село во шумскиот предел на централна Шведска.
Во неговото невообичаено додворување на крунисаната принцеза Викторија, тој го доби модерниот еквивалент на бакнежот што ја претвора жабата во принц - внимателно дотерување од дворјани, тутори за јазикот и агенција за односи со јавност. Сега, осум години подоцна, тој е трансформиран во софистициран, модерен млад припадник на кралската заедница. Романсата од соништата ќе кулминира со кралска венчавка од приказните, најголемиот кралски настан во Европа од венчавката на принцот Чарлс со леди Дајана Спенсер во 1981 година.
„Нивната врска беше големо изненадување“, вели Јохан Т. Линдвал, новинарот што ја објави сторијата. „Даниел потекнува од сосема различна средина од Викторија. Сите велеа дека нема да успее тоа “.
Во доцните попладневни часови, 1.100 гости во катедралата од 13 век во главниот град, облечени во вечерни тоалети, ќе сведочат кога Вестлинг ќе ја венча младата 32-годишна жена, која еден ден ќе го наследи нејзиниот татко на тронот на Шведска.
Шведска е сериозна околу еднаквоста меѓу половите и создаде една поинаква приказна; овој пат убавата принцеза, која го оттргна нејзиниот принц од едноличниот, обичен живот и го втурна во магичниот свет на палати и балови. Крунисаната принцеза Викторија првпат го запозна Вестлинг при посета на неговата сала за вежбање во Стокхолм. Тогаш таа беше проблематична принцеза. Почна да вежба за да го пополни слободното време и за да надмине сериозна тешкотија со јадењето.
Тој првпат беше фотографиран за шведските весници во 2002 година и изгледаше преплашен од вниманието на папараците, облечен во џинс додека неговата долга коса излегуваше под капчето за безбол. Уште полош беше неговиот рурален акцент, што беше тема на непријатни шеги меѓу пријателите на Викторија со сина крв. Нејзиниот татко, апсолутистичкиот крал Карл Шеснаесетти Густав (64) решително беше против нивната врска. Неговата драга ќерка требаше да се омажи за дански принц со беспрекорно потекло, и кралот беше решен да не дозволи некој занемен од третиот сталеж да влезе во кралската заедница. Притисокот беше толку голем што во 2004 година нивната врска западна во криза, која речиси ја оконча.
Но, Викторија се држеше до патот на вистинската љубов. Вестлинг научи доволно за да успее во високото општество, со помош на комитетот од дворјани, наречени „училиште на принцот“. Кралот, конечно, потклекна под неизбежното и попушти, поразен од инсистирањето на неговата ќерка дека Вестлинг е нејзината вистинска љубов. Тој имаше интензивна настава по англиски, француски и по германски јазик, за да може да разговара кога патува во странство, и имаше часови за историјата на Шведска и политички науки. Компанија за односи со јавност го советуваше за неговиот имиџ. Најдобрите кројачи и фризери му дадоа нов изглед. Наместо „алфа ромео“ тој возеше „лексус“.
Одговорен за трансформацијата беше генералот Јан-Ерик Варен, заменик мајстор за церемонии на дворот - дворјанин на кого му беше доделено лице од третиот сталеж и му беше речено да го претвори во принц. Тие со години имаа секојдневни средби и долги часови, и иако генералот беше дискретен, па дури и таинствен, тој откри дека Вестлинг е мошне амбициозен и внимателен. „Тој е одушевен од историјата, особено од шведската кралска историја“, рече дворјанинот со старателска гордост.
Фотографиите од свршувачката, што се продаваа во продавниците за подароци низ Стокхолм, заедно со фигури на Викинзи кои мавтаат со бојни секири и сувенири, ја покажуваа промената, дека џинсот и капата за безбол се минато. На фотографиите, Даниел и Викторија се претставени како гламурозна, привлечна двојка, вљубени еден во друг.
Познавачите на кралското семејство се зачудени од еволуцијата на Вестлинг во принц. „Облечен во костум и со вратоврска и дизајнерски очила, тој изгледа како брокер“, вели авторот Хедман. „Трансформацијата е извонредна - едвај може да се препознае од младиот човек што го видовме во 2002 година. Дворјаните го научија како да јаде, што да каже, како да стои. На луѓето им се допаѓа Даниел, а тие, исто така, ја сакаат Викторија, особено младите кои се импресионирани од нејзината грижа за животната средина. Како двојка, тие се речиси премногу совршени, но тој навистина е совршено чист. Шведските списанија многу се трудеа да најдат нешто за него во изминатите осум години“.
За големиот ден се очекува главниот град да го наполнат два милиона туристи. Шведската трговска федерација се надева дека од туризмот и од продажбата на сувенири ќе се заработат над 200 милиони фунти. Прославите по повод венчавката ќе траат три дена, со улични забави и настапи на познати личности, како што е Бени Андерсон од АББА, кој напиша нова песна по тој повод. На листата на гостите е и царот на Јапонија. Велика Британија ги испраќа грофот и грофицата од Весекс.
Венчавката нема никаде да се прослави со поголем ентузијазам од сонливото гратче покрај езеро Окелбо, каде што Вестлинг го минал детството, 160 км северно од главниот град, во шумска област каде што има многу северни елени, мечки и дабари. Родителите на Вестлинг се' уште живеат таму во едноставна куќа. Пред да се пензионираат, неговата мајка работеше на сортирање писма во селската пошта, а неговиот татко работеше за советот. (Телеграф)
Вкупно 6.000 воени лица и доброволци во обезбедување
Венчавката на шведската принцеза Викторија, наследничка на кралскиот трон, на 19 јуни ќе се одржи под заштита на 6.000 воени лица и доброволци од разни организации.
Дваесетина воени бродови се закотвени во пристаништата околу Стокхолм, а две дивизии на шведското воено воздухопловство ќе прелетуваат над ��радот во текот на церемонијата, јави шведската телевизија СВТ.
Никогаш порано толку многу новинари не се собрале во шведската престолнина во врска со известувањето за некој настан. Досега во Стокхолм се издадени околу 2.300 акредитации за новинари.
Најљубопитни се Германците, кои испраќаат 277 новинари. Од Норвешка доаѓаат 76, од Финска 57, од Шпанија 42 и од Велика Британија 38 новинари- известувачи.
Викторија е прва шведска принцеза-наследничка на кралскиот трон во последниве 290 години. (МИА) |