Аргентина, Херкул Поаро и француска салата
![](WBStorage/Articles/7DF75C1DD210B74EB7A27367E2E7CD4D.jpg)
Наум Котевски
Кога на ексцентричниот и комичен херој на Агата Кристи, Херкул Поаро, не му се вклопуваше нешто во решавањето на најзамрсените детективски случаи тоа дополнително го туркаше напред, а не назад. Желбата за пронаоѓање на патот до вистината никогаш не му умираше. Како што сега во Јужна Африка не и умира на Аргентина и славниот Диего Марадона, но не и на Франција и очајниот Рајмон Доменек.
Во средата преку фудбалската игра се уверивме (иако не ни требаше тоа) што значи кога живееш и работиш како Поаро со мотив и желба, и што значи кога си депримиран, депресивен, овенат среде лето. Жално беше да се гледаат Французите во двата меча против Уругвај и против Мексико во кои не само што не дадоа гол, туку не направија една, барем и глупава, шанса!
„Се чувствуваме како мала фудбалска нација и тоа боли“, призна капитенот Патрис Евра. Што е тоа што на Французите им направи салто мортале во вербата во себе? Што чувството на слоновска доминантност им се сведе на зајачка плашливост?
Француските медиуми пишуваат за разнебитеност во францускиот состав, за дупки во нивното сирење, за поделбата на табори, кои се рефлексија на неавторитативноста на Доменек. За француската салата меѓу редови проговори и капитенот Патрис Евра: „Навистина мислев дека ќе ја научиме лекцијата од ЕП (н.з. беа последни во групата). Бев убеден дека нема да загубиме од Мексико. Проблемот е во тоа што не сме голем тим на теренот“, кажа дефанзивецот на Манчестер јунајтед, додавајќи. „Нема да ви кажам зошто работите отидоа во непосакувана насока. Најпрвин тоа ќе им го кажам в лице на оние кои тоа треба да го слушнат. Мора да ја победиме Јужна Африка. Поради гордоста, поради ништо друго“, напомнува Евра.
Неединството очигледно постои, а зошто е тоа така треба да кажат самите актери. Но, генезата на проблемот нам не ни е толку битна во моментов. Битно е што тој, за жал на Французите, постои во нивниот состав и што докажува дека има разорна моќ. „Не ги жалите затоа што не заслужуваат“, напиша „Л’екип“.
Значи, ниту француската јавност не сака таква репрезентација на извикани индивидуалци, која дефинитивно ги загуби симпатиите и кај многубројните „странски навивачи“, што сега жалат за оние кои практично им го покажаа фановскиот пат кон земјата на виното - пензионираните уметници како Платини и Зидан. Тие никогаш не дозволија таква траорна атмосфера во соблекувалната.
Инаку, симпатиите бездруго ги уби и Тиери Анри и неговото подло играње со рака против Република Ирска во квалификациите. „Франција ќе нема пријатели на ова Светско првенство“, така напиша еден објективен „триколор“ на интернет сајтовите.
Како и да е, добро е што на ова Светско првенство е Аргентина, за да видиме што значи и тимскиот дух. Притисокот и кај „гаучосите“ беше огромен, особено поради Марадона, човекот кој пред кратко време играше аргентинско танго со смртта. Предозиран, депримиран, без желба за живот во болничка постела.
„Малиот зелен“ од јавноста во својата земја беше испратен во Африка со огромни сомнежи. Не само во неговите тренерски квалитети, туку и во однос на неговата моќ да ја нивелира суетата на големите ѕвезди. Циркузант или диригент беше дилемата кај Аргентинците.
Сега засега во игра е ова второто. Аргентина дефинитивно делува како тим.
Старата изрека на социјалистите кои во Аргентина на почетокот на 20 век ги основаа првите фудбалски клубови вели дека во оваа игра се учиш да се однесуваш солидарно. Едноставно, не можеш да играш сам. Кога некој е во подобра позиција треба да му ја дадеш топката. Така и се однесуваат Аргентинците на теренот, но и надвор од него. Да речеме, Меси, веднаш застана зад киксерот Мартин Демикелис објаснувајќи дека дефанзивецот на Баерн направил глупост со Јужна Кореја, бидејќи не ги слушнал алармирањата од соиграчите поради јачината на вувузелите. „И јас загубив неколку топки на тој начин“, го оправда преку себе Меси колегата Демикелис. Веднаш потоа Марадона со идентична емоција како кога зборува за Че или Фидел кажа: „Им��м 23 врвни играчи и секој од нив е способен да го облече дресот и да го даде максимумот на теренот. Тоа е она што не прави нас Аргентинците среќни“, потенцира Диего.
Аргентинската страст за фудбалот е главното културно упориште и дел од националниот идентитет независно од класната или било каква позадина. Франција во моментов е далеку од тоа! |