Игуаин, новата машина за голови
![](WBStorage/Articles/7E74A03D3AFA074B88FD4560634F0AF4.jpg)
Вештините на Меси и трчањето на Тевез создаваат шанси што Аргентинецот ги користи
ЈОХАНЕСБУРГ - Колку повеќе ја гледаме Аргентина толку станува очигледно дека единствената опција за која се размислува е нападот. Колку повеќе скептиците прашуваат што Гонзало Игуаин прави освен што постигнува голови, толку повеќе треба да се прашуваме: што друго треба да прави во овој тим?
Несоперливите вештини на Лионел Меси создаваат шанси за него. Карлос Тевез ја обезбедува работата, трчајќи додека не испушти душа или додека тоа не го направат противниците. Замените од докажан калибар, Серхио Агуеро и Диего Милито, чекаат да бидат повикани на теренот. А, се' што Игуаин прави е постигнување голови.
Колку смешно звучи тоа. Колку тоа потсетува на Германецот Герд Милер, кој не правеше ништо освен што постигна 68 гола во 62 меѓународни натпревари во периодот меѓу 1966 и 1974 година. Меѓутоа, иако Милер речиси беше одвраќан да игра, на почетокот од својата кариера, кога во 1964 година претседателот на Баерн Минхен фрли поглед на неговиот ситен изглед и рече: „Никогаш нема да му дозволам на тој коњ, тој бик, да игра меѓу нашите чистокрвни играчи“ - Игуаин (22), беше посакуван. Тој на ова Светско првенство можеше да настапува или за Аргентина или за Франција.
Неговиот татко Хорхе е роден во Аргентина, меѓутоа, играл за Брест во северна Франција годината кога е роден Гонзало. Таа соработка траела само една сезона и семејството на Игуаин се вратило во Буенос Аирес. Според местото на раѓање Игуаин можеше да бира дали да игра за Франција, додека според потеклото и воспитувањето тој е Аргентинец.
Рајмонд Доменеш, францускиот селектор, беше тој кој го убеди татко му да го испрати својот син познат како „Пипа“ во Франција. Меѓутоа, остана само на тоа. „Јас му сугерирав да оди и да одговори на повикот на Франција“, изјави Хорхе Игуаин. „Меѓутоа, Пипа имаше други идеи во главата. Не можев да го натерам да оди таму“.
Гонзало Игуаин имаше 18 години. Знаеше дека Франција и претходно беше на овој пат, убедувајќи го Давид Трезеге, син на Аргентинец, да стане „триколор“. Меѓутоа, момчето имаше други работи на ум. Неговите погодоци за клубот Ривер Плата ги променија оние од другата страна на Атлантикот, во однос на начинот на гледање на играчот во подем кој изгледа од малечок го поседуваше овој талент за постигнување голови. Тоа е инстинкт, чувство да се биде на вистинското место, дарба што неговиот татко, силен одбранбен играч никогаш го немаше.
Во 2006 година Реал Мадрид ја доби трката за Игуаин, плаќајќи 13 милиони евра. Тренерот на Ривер Плата во тоа време, Даниел Пасарела, пријател на Диего Марадона, не штедеше комплименти за да го опише ова чудо како „комбинација меѓу Зинадин Зидан и Енцо Франческоли“.
Игуаин никогаш не беше тоа. Овие двајца се играчи кои можат да се наречат принцови на речиси се' што оди напред од средината на теренот. Игуаин може да игра во длабочина, но тимот од Мадрид занеше што е тој: долгорочна замена за најпостојаниот голгетер во својата историја, Раул Гонзалес. Ништо друго освен голгетер.
На Марадона, сега селектор на Аргентина, му требаше време да почне да ги цени единствените вештини на Игуаин. И покрај неговото пријателство со Пасарела, и покрај фактот што Игуаин постигнуваше голови во Мадрид, Марадона го доведе тимот до самиот раб на пропаста во квалификациите, пред да го избере Игуаин како стартер. Кога тоа се случи, кога Аргентина беше ужасна во квалификациската фаза за Светското првенство, Игуаин го задолжи Марадона со победоносниот гол против Перу. Оттогаш суеверниот Марадона го задржа, и покрај вревата дека ќе оди со Милито, ѕвездата од Интер.
Да се имаат двајца извонредни напаѓачи е сон за секој селектор. Меѓутоа, за да се биде стартер Милито мора да чека додека Марадона не ја загуби довербата во Игуаин. Она што се случи против добрите, но надиграни Јужнокорејци во Сокер Сити во четвртокот, беше Игуаин чека во просторот од шест метри и флертува со офсајдот, и ја заврши својата работа три пати, со глава и со нога. (Њујорк тајмс) |