Србија ја победи Германија, Стојковиќ му фати пенал на Подолски
![](WBStorage/Articles/79C7AD4F24669640AB577A91D82147CD.jpg)
Голема победа на Србија над Германија (1:0), прва на мундијалите под тоа име. Но, српските медиуми напишаа и дека трикратниот светски првак Германија за прв пат паѓа по 1973 година.
Победата ја донесе Милан Јовановиќ, кој постигна гол кратко по исклучувањето на Клосе (втор жолт картон) во 37 минута. Тимот на Радомир Антиќ во вториот дел најмногу го подигна голманот Владимир Стојковиќ, кој му фати пенал на трагичарот Лукас Подолски (по играњето со рака на Видиќ) во екот на големата иницијатива на Германија. Тоа беше првиот пенал што во регуларен дел го промашува Германија по 1974 година.
Подолски никогаш нема да го заборави овој меч, а уште подлабоко ќе биде врежан во неговата меморија ако Германија испадне во фазата по групи. Затоа што уште пред да го шутира пеналот промаши две големи шанси, па со право германските новинари го вперија прстот во селекторот Јоаким Лев прашувајќи го зошто психолошки раздрманиот напаѓач на Келн мораше да го изведе ударот од 11 метри.
Инаку, и двата тима влегоа во натпреварот со по пет фудбалери во средниот ред, но очигледно со различни амбиции. Германија имаше в џеб три бода, а Србија нула. Затоа и беше поофанзивна, како што кажавме, до голот на Јовановиќ. Потоа и со 10 играчи речиси во еден час игра Германците го бараа патот до голот, но не го најдоа.
Србија знаеше да се одбрани, а Радомир Антиќ за разлика од мечот со Гана успеа да ја постави играта како што треба и до израз да дојде и средниот ред со Красиќ, Станковиќ и Јовановиќ. Во игра повторно го стави и слабиот Жигиќ, ама сега високиот фудбалер на Валенсија си го направи своето. Со ско�� со глава му асистираше на Јовановиќ за историскиот гол.
Како и да е, оваа победа ја остава Србија во игра за пласман во вториот круг, по неочекуваниот пораз од Гана во првото коло. Во третото коло од оваа група Србија ќе игра со Австралија, а Германија со Гана. |