„Време“ и „Шпиц“ ќе излегуваат, ама потенки
Весниците ќе се печатат со намален број страници во црно-бела боја
Љубиша Станковиќ
Весниците „Време“, „Шпиц“ и „Коха е ре“ ќе излегуваат и во наредните денови, но на редуциран број страници. Колегиумите на сите три дневни весници, чиј издавач е фирмата „Плус продукција“, вчера, по неколкучасовни договори, донеле одлука да излегуваат и покрај тешките услови во кои работат.
„Од денеска весникот ’Шпиц’ ќе продолжи да излегува на 16 страници и без колор. Причината поради која го намаливме бројот на страниците е позната, но морам да потенцирам дека единствен мотив поради кој продолжуваме да го издаваме весникот се нашите читатели“, вели главниот и одговорен уредник на ’Шпиц’, Бранко Героски. Тој појаснува дека ваквата состојба произлегува од состојбите во кои се најде весникот, а по приемот на решението од Управата за јавни приходи со кое „Плус продукција“ е обврзана да плати данок од еден милион евра.
Главниот уредник на ’Шпиц’ вели дека тие се при крај со резервите хартија и материјали, но и на крајот на с��лите со ваквиот начин на работење, но тој и екипата што го уредува весникот добиле максимална поддршка од сите новинари.
Безмалку е идентична и состојбата во дневниот весник „Време“. Единствената разлика е во тоа што овој весник ќе излегува на 24 страници. И главниот уредник на „Време“, Коле Чашуле, нема одговор на прашањето до кога ќе трае издавањето на весникот на редуциран број страници.
„Во овој момент не знам дали, доколку и извадиме весник, ќе најдеме гориво за возилата за да го дистрибуираме весникот, а не до кога ќе трае ваквата состојба“, вели Коле Чашуле. И тој потврдува дека сите новинари застанале зад одлуката весникот да продолжи и на намален број страници.
На 16 страници од денеска ќе излегува и весникот „Коха е ре“, кој се печати на албански јазик. Како што неофицијално се дознава, зад одлуките што ги донеле раководствата на весниците застанал и нивниот сопственик Велија Рамковски, кој, наводно, истото тоа го побарал и од новинарите што вчера беа на своите работни места.
И додека трите весници од „Перо Наков“ донесоа решение во од, односно одлуки кои се во правец на натамошно излегување, засега нема ништо ново во поглед на состојбите во А1 телевизија. Таму се чека на разврска на состојбите.
„Не би знаел што можам ново да изјавам во овој момент. Ние продолжуваме со работата, но дали нешто ќе се менува не одлучувам јас, туку менаџментот. Парите што од нас ги побарува УЈП ние ги немаме, а и да ги имаме нашата сметка е блокирана“, ни изјави главниот уредник на А1 телевизија, Младен Чадиковски.
Проблемите со кои се соочува телевизијата се многу поголеми од оние што ги имаат сите три дневни весници заедно, бидејќи Управата за јавни работи побарува близу 9,5 милиони евра од оваа ТВ-куќа на име на неплатени даноци.
Каква ќе биде судбината на весниците и на телевизијата засега не се знае, но се пласираат одредени шпекулации дека менаџерските тимови работат на пронаоѓање стратегиски партнери што би инвестирале во медиумите. |