Витраж
Дијалогот на поетите со сликите на Омер Калеши
Катерина Богоева
Ван Гог
Си го пресече увото поради саканата
Во увото заборавена: црвената палета
Омер
Ја кваси
Својата шпакла
Ова се стиховите од песната „Уво“, една од повеќето песни на албанскиот поет Петрак Ристо, посветена на големиот сликар Омер Калеши. Поместена е во книгата „Во слава на сликарството - поетите за Омер Калеши“, која напишана од поети, пријатели на сликарот и добри познавачи на неговото дело, минатата недела беше промовирана во Скопје. Исклучителна книга во која се поместени избрани, фасцинантни репродукции на неговите слики, кои освен на Петрак Ристо им биле инспирација и на: Жак Лакариер, Лора Камбо, Оздемир Инџе, Ефтим Клетников, Илхами Емин, Јордан Плевнеш, Климе Коробар, Даим Илјази, Али Подримја, Алкет Чани, Луан Рама и Жил Жуанар, поети од Франција, Турција, Македонија, Албанија и Косово.
Кога се знае биографијата на сликарот кој роден во кичевска Србица во 1932 година, животот ќе го носи преку Скопје во Турција каде и ќе ја отпочне својата уметничка наобразба и ќе се укотви во Париз, во 1965 година, воопшто и не изненадува респектот со кој поетите пишуваат и за неговиот космополитски дух.
Идејата за книгата почнала со поетот, писател и француски филозоф Жак Лакариер, кој, според Луан Рама, бил вљубен во сликите на својот стар пријател, во неговите дервиши и пастири. За време од неколку години, Рама инспириран од тие ликови „истовремено прозаични и свети“, „во кои се чита опсесивното и речиси халуцинантно продолжување на една рана“, напишал 25 песни за 25 негови слики.
Оваа книга ги обединува поетските гласови и го открива на мошне посебен и суптилен начин, со секоја страница (од лево песна, од десно платно), дијалогот меѓу поетите и сликарот. Меѓу нив и неговите платна. Во неа е и атмосферата од неговото париско ателје под таванот на зграда на булевар Араго.
Ателјето е познато и како место за собирање на пријателите на Калеши. „Околу ниската дрвена маса, направена со неговите раце, со чашка ракија, ’благословената ракија’ на Омер“, стои во книгата, која содржи и фотографии од тоа, на многумина, омилено катче.
Ателјето ја инспирирало и поетесата, пијанист, Лора Камбо да ги напише и песните: „Ателје“, „Штафелај“, „Шпакла“, како и „Кошници“. Во насликаните кошници и многуте корпи на платната, сликарот ги сместува и познатите, за него карактеристични и препознатливи човечки глави, со ликови пред кои просто се занемува. Единствено останува барањето на можни конекции со видливото и невидливото. Ефтим Клетников во посветата на книгата која претставува вистински, непредвидливо длабок и префинет извор на убавина и мудрост, меѓудругото, вели: „Влезете во оваа книга како во храм во кој се е свето и се и е посветено на една богата човечка и уметничка душа со име Омер Калеши.“
А во две, од шесте строфи од песната „Омер Калеши слика“, овој поет и ќе напише:
Омер Калеши слика
прапочетокот е на неговата палета.
Од него ги зема боите
во неа ја мацнува четкичката
и зафаќа жар од пурпурното небо
небаре белото платно е фурна
која се подготвува да го испече лебот.
Но, наместо лебови
од таа фурна излегуваат глави.
Или Омер Калеши
нашол нешто заедничко
меѓу лебовите и главите.
Или за него лебовите се глави
а главите лебови.
Зарем Исус не рече дека
човекот нема да се храни
само со леб, туку и со зборови.
|