Јанкулоска: Презедовме мерки за зачувување на безвизниот режим
29.06.2011, 14:20
Појавата на зголемен број неосновани барања на азил во земјите-членки на Европската унија, како еден од првите несакани феномени кои се јавува при воспоставување безвизен режим, не ја заобиколи ниту Македонија. МВР во соработка со останатите надлежни институции презеде серија енергични мерки и превентивни активности со цел да се спречи злоупотребата на безвизниот режим.
Ова денеска го истакна министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска во своето обраќање на конференцијата на министрите за внатрешни работи во рамки на Салцбургшкиот форум, централно-европската иницијатива за соработка на полето на внатрешните работа што се одржува во Кицбил, Австрија.
Во сесијата посветена на визната либерализација, Јанкуловска ги презентираше активностите што МВР и останатите надлежни институции ги превзедоа во насока на спречување на злоупотребата на визната либерализација. Министерката рече дека од 29 април до 27 јуни годинава од граничните премини вратени се 764 македонски државјани за кои постоеле сомневања дека имаат намера да заминат во западно-европските држави злоупотребувајќи ги придобивките од визната либерализација.
Потенцираше дека Владата воспоставила висок Комитет за мониторинг на имплементација на безвизниот режим со ЕУ, во кој членуваат министрите од соодветните ресори и преземаат соодветни мерки за спречување на азилот.
- Воспоставувањето на безвизниот режим е обврска и дополнителен мотив за Владата, сите државни институции, како и администрацијата за забрзано продолжување со реформите и континуирана испорака на конкретни резултати, со цел унапредување на степенот на исполнување на ЕУ стандардите во македонското општество, додаде Јанкулоска.
Според неа, со воспоставување на визната либерализација може да се констатира дека олеснети се контактите меѓу луѓето, подобрени се бизнис можностите и зголемена е културна интеракција на македонските граѓани со граѓаните од Европската унија и шенген земјите.
Министерската средба во најголемиот дел е посветена на иднината на Шенгенот и граничното менаџирање, тенденциите на заедничката европски политика за азилот и досегашните регулативи во оваа област, визната либерализација и постигнувањата на полето на меѓународната полициска соработка, особено низ призмата на меѓународните институции.
Во изминатиот период Салцбургшкиот форум ги прошири активностите и во делот на интензивирање на соработката меѓу земјите-членки на ЕУ и останатите држави од регионот на Југоисточна Европа.
|