Трет мандат за Груевски, прв од Иванов
Од вчера тече рокот од 20 дена за состав на новиот владин кабинет
Светлана Унковска
Шефот на државата, Ѓорге Иванов, вчера му го предаде мандатот за состав на новата влада на Никола Груевски, кој сега и официјално е мандатар. Целата церемонија во претседателската вила „Водно“ траеше неколку минути. Претседателот само рече: „Согласно со Уставот Ви го предавам мандатот“ и откако му честита и двајцата се повлекоа. Груевски ги одмина новинарите и не сакаше да даде изјава, што не се случуваше досега. За Иванов ова е премиерно врачување мандат, додека за Груевски ова е трет мандат - првиот го доби во 2006 г., а вториот во 2008 г. Неговата партија ВМРО-ДПМНЕ на изборите освои најмногу гласови и со ДУИ, како партија што победи во албанскиот камп, се старо-нови коалициски партнери.
За време на вчерашната средба Иванов бил информиран од мандатарот Груевски дека наскоро ќе се заокружи коалицискиот договор околу распределбата на ресорите и оти веќе се познати и персоналните решенија. Посебно се разговарало за министерствата за надворешни работи, одбрана и за внатрешни работи - области во кои и претседателот на државата има ингеренции.
Од вчера тече рокот од 20 дена за состав на новиот владин кабинет и за изготвување на владината програма што треба да се достави во парламентот. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека е многу веројатно дека нема да се чека крајниот рок, туку дека владата ќе биде избрана пред истекот на законскиот рок и тоа најверојатно до средината на јули. Но, оттаму не можеа да прецизираат кога лидерите на двете партии, Никола Груевски и Али Ахмети, ќе имаат тет-а-тет средба за да го финализираат коалицискиот договор. Разговорите меѓу двете партии почнаа пред околу две недели и се' уште траат, но се очекува до крајот на неделава да се затворат преостанатите прашања. Поделбата на министерските места и составот на вториот ешалон се веќе познати, велат извори од партијата на Груевски. Останува уште да се дораспределат функционерските места во јавните претпријатија, фондовите, но и да се допрецизира владината програма. Во министерствата со кои ќе раководи ВМРО-ДПМНЕ велат дека ќе има многу освежувања, а дел од старите кадри ќе ротираат на други функции. Не откриваат и дали ќе ги отстапат чувствителните места во Министерството за внатрешни работи, како што се Управата за безбедност и контраразузнавање и Агенцијата за јавна безбедност. МВР го доби партијата на Груевски, но не се знае дали ДУИ ќе остане на инсистирањето за избалансирана распределба во самиот ресор.
Од ВМРО-ДПМНЕ не можеа да кажат дали владината програма, која треба да ги отсликува програмските платформи на двајцата партнери во владата, ќе биде потпишана и од двајцата лидери. Само посочија дека таа заеднички ќе биде усогласена. |