Забава
Воркохоличарка во мисија на безделништво
Опра Винфри живееше триста на час - сега не гледа во часовникот, не зависи од времето, не држи диети и најновиот аутфит го темели на пижами
Валентина Тодоровска
Медиумите деновиве пишуваа дека легендарната Опра Винфри, за многумина помоќна и од папата, сонува Оџеј Симсон да го признае убиството (на сопругата Никол и нејзиниот пријател Род Голдман), со што дивата само потврди дека нејзиното планетарно популарно шоу, само моментно е во фаза на мирување. Патем, таа со гледачите се поздрави со „до видување“, а не со „збогум“.
Но, сега Опра е пензионерка по сопствена желба. Личниот избор беше и да избере маж, а не жена крај себе во постелата. Но, затоа, потоа.
Реалноста на ултрапопуларната водителка е следната - таа по цел ден седи во пижами, ги сечка оштетените краеви на косата и не се кае поради одлуката животот понатаму да и' минува покрај Стедмен Грахам, а не крај долгогодишната пријателка Гејли Кинг, со што и официјално го потврди својот хетеро статус.
Во што е штосот на Опра?
Психол��шкиот стриптиз, разголување на интимата пред цел свет, експлоатацијата на приватното во јавната сфера, нешто како групна терапија, тоа е значење на зборот „опрификација“, на најбогатата, најмоќната и најопасната водителка на сите времиња.
Опра има има своја телевизија, радио, две списанија и милиони обожаватели низ светот. Всушност, има се' и сешто и сето тоа го создаде - сама. Чекор по чекор.
Сите шоу-програми на Опра дејствуваат магнетски на гледачите и поради нејзината моќ да ги усреќи своите обожавателки. Велат, има широка рака и уште пошироко срце - таа делеше разни пакети сетови за домаќинство, а вредните биографи го бележат и ова - во 2000 година таа ги израдува гледачките во студиото со по еден револуционерен мидер што ја менува женската фигура, потоа им делеше отмени „барбери“ мантили, џемпери на Ралф Лорен, кој креираше цела линија специјално за неа, по 1.000 долари за секоја присутна во салата и камера за да се овековечи како се потрошиле парите. Во септември 2004 година Опра подари 267 „понтијаци“, а минатата година студиото беше едноставно заробено од еуфоријата на жените што добија крстосување по Карибите и рачни часовници со 85 дијаманти.
Нејзините фондации „Oprah Winfreys angel Network“ потрошија над 50 милиони долари за образование, здравствена нега и заложба за правата на децата во светот, а во близина на Јоханесбург таа има училиште за девојчиња... Списокот е многу долг, но е доволен да потврди дека славната водителка не е себична.
„Многумина мислат дека станува збор за комерцијален момент, желба да привлечам публика“, изјавува Опра. „Луѓето во мојот тим знаат колку време беше потребно да ја реализирам својата долгогодишна желба за да ги усреќувам луѓето, да подарувам и присуствувам на една општа еуфорија од радост, задоволство... Мене парите ми го овозможија најубавото!“
Инаку, Опра е царица во својот занает. Прави интервјуа и на најчувствителните теми, а тие дејствуваат благородно и корисно. Често ќе и' се насолзи окото и тоа изгледа искрено. Гостите во емисијата ги раскажуваат најемотивните елементи од семејното минато, непријатните сексуални малтретирања, пластични операции, здебелувања, слабеења..., луѓето ги пуштаат камерите под своите кревети, отвораат фрижидери полни со нездрава храна, а цел свет преку катарзата добива едукативен и оптимистички заклучок. Животот може да биде лесен, убав, богат, треба само да сакате и да се обидете! Хепи енд како кај омилените филмови.
„Опра прави вистинско шоу, а јас – циркус“, Лари Кинг и' дава џентлменски комплимент, објаснувајќи го феноменот на славната водителка. И тој не е вчерашен, знае со кого не треба да се чепка.
Во времето на изборите во Америка, демократскиот кандидат за Белата куќа, Барак Обама, ветил дека во случај на победа - Опра би му била заменичка. Ветувањето не го исполни, ама ете колкава и е медиумска моќ и колку таа го креира јавното мислење.
„Венити фер“ го потврдува ставот врзан за моќта на госпоѓицата Винфри. Според нив, влијанието на Опра во културата е поголемо од сите можни универзитетски професори, политичари или религиски водачи, се разбира, освен папата. Таа има моќ да предизвика огромни маркетиншки пресврти за само еден момент. Има убиствено оружје со кое ја покорува публиката, а тоа е искреноста. Или добра глума - сеедно.
Инаку, приказната не е еднонасочна. Пред својот аудиториум Опра го отвори срцето и ја раскажа личната приказна, запрепастувајќи ги обожавателите со признанието дека во 14. година останала бремена, дека била сексуално малтретирана и дека бебето, бргу по раѓањето, починало. Несреќата зближува многу повеќе од парите, па така Американците, по ова признание, безусловно и' го подарија срцето.
Кралицата на ток-шоу ја започна својата емисија во 1984 година, со години го менуваше концептот за да дојде до финален производ. Само во Америка стекна 25 милиони обожаватели и направи медиумска империја .
Според „Форбс“, кој постојано истражува и прави топ-листи, со 1,5 милијарди долари в џеб, Опра во 2006 година е најбогата жена во светот.
Освен се' наброеното, за неа велат дека е добра и пријатна шефица.
На својата армија вработени знае да им приредува изненадувања, па дури и да се нарекуваат крстосување низ Медитеранот. Кога е таква со колегите, каква ли е со најблиските пријатели?!
Тоа може да го посведочи Гејли Кинг, долгогодишна пријателка на која Опра и' подари чек од еден и пол милион долари. Со комплиментите од публиката, таа доби и епитет - лезбијка, но не се возбуди особено. „Не им се лутам на л��ѓето што мислат така. Нашата култура не познава дефиниција на цврстиот однос меѓу жени“, беше коментарот на црномурната водителка. Сега кога медиумите бомбардираат дека Опра, сепак, за попривлечен го избра машкиот пол, сепак, јавноста ја остави на мира.
И сега за Стедман Грахам. Со одења и враќања тие се заедно 16 години и си се мирни еден покрај друг. Освен него, Опра сака и неколку кокери што ја следат на секој чекор. Кога не може да им возврати љубов - тука се хотелите за кучиња.
Велат дека е семоќна, особено кога се во прашање страстите. Опра успеа да ги смири вечно завојуваните Мајкл Тајсон и Ивандер Холифилд и покрај недовербата, Витни Хјустон кај неа ја кажа ексклузивна приказна, врзана за дрогирањето, Тина Тарнер ја најави последната турнеја, а Том Круз јавно проговори за саентологијата. Опра може да каже дека има плускавци на нозе, дека непријатно ја болат и дека одвреме-навреме ја мачат гасови и сето тоа да изгледа симпатично и природно. „Јас сум иста како вас, само имав повеќе среќа“, е нејзината порака. „Не сум феминистка, но знам дека матријархатот се врати на голема врата, мажите се понежни, покревки и модата е изопачена до исфеминизираност“, вели Опра.
А, таква е и нејзината рана биографија. Во втората година Опра учи да чита, а дури во шестата добива први чевли. Мајка и' е шивачка, а татко и' столар. Тоа ја насочува на упорност и снаодливост. Како десетгодишно девојче посака да ја смени рамката за очила и се сети да пријави, наводна, кражба, викајќи полиција. Тие „случајно“ и' ги скршија очилата.
Симпатична, популарна и весела Опра победи на изборите за мис во Тексас. Така доби понуда да чита вести во локално радио, а потоа да работи и како ТВ-репортер. Почнува со шоу „Луѓето зборуваат“, а веднаш потоа со нејзината емисија. Години на усовршување, доопремување и досредување.
Сега живее каде што ќе посака. Хотелите не и' се љубов, па затоа има имот во Калифорнија, куќи во Њу Џерси, Мајами, Џорџија, апартман во Чикаго, во близина на телевизиско студио.
Опра е вистински човек за потврда и за остварување на американскиот сон.
Моќта ја имаат само оние што знаат што е немоќ.
Лична карта
Опра Гејл Винфри е родена на 29 јануари 1954 година во Козијаск, Мисисипи. Таа е и актерка (номинирана е за „оскар“ за споредна женска улога во филмот на Стивен Спилберг „Бојата на пурпурот“) и филмска продуцентка, ама најголемата слава и најголемите пари ги стекна со ТВ- водителството.
Првото шоу стартуваше на 8 септември 1984 година , а нејзините биографи бележат повеќе од 5.000 епизоди.
На престижната листа на најбогатите жени на „Форбс“ од светот на шоу- бизнисот Опра го има првото место со годишна заработувачка од неверојатни 225 милиони долари.
|