Препорачано од уредникот
Европски пари за македонското земјоделство
Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој (АФПЗРР) е задолжена за реализација на средствата од претпристапната помош за рурален развој на ЕУ (ИПАРД). Со цел да се доближи постапката до заинтересираните за аплицирање, добивање и користење на средствата од ИПАРД, ние ви презенираме водич на чекорите потребни да се стигне до европската помош за рурален развој
1.
Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој објавува јавен повик за прибирање барања за користење средства од ИПАРД
l Јавниот повик се објавува во најмалку два дневни весника и на интернет-страницата на Агенцијата. Времетраењето за прибирање барања изнесува 45 дена од денот на објавување на јавниот повик.
l За потребите на јавниот повик, Агенцијата ги издава следниве документи: Барања за користење средства од ИПАРД-програмата 2007-2013 за секоја мерка одделно; Упатство за корисници на средства од ИПАРД-програмата 2007-2013; Упатство за изготвување деловен план
l Документите што ги издава Агенцијата се објавуваат и во електронска верзија на интернет-страницата на Агенцијата www.ipardpa.gov.mk од каде што може да бидат преземени. На интернет- страницата на Агенцијата, исто така, се објавува и exel модел за изработка на деловен план.
2.
По комплетирањето на наведените документи, се пристапува кон поднесување Барање за користење средства
По објавување на јавниот повик за поднесување барања за користење на средства од ИПАРД-програмата 2007-2013, барателот на средствата треба да поднесе „Барање за користење средства од ИПАРД-програмата 2007-2013“ по соодветната мерка. Барањето треба да биде коректно и читливо пополнето на македонски јазик и кирилично писмо.
l Заедно со барањето треба да бидат доставени и сите придружни општи и посебни документи, во оригинал или копија заверена на нотар, соодветно на типот на инвестицијата.
l Барањето, комплетирано со целокупната документација, затворено во плик на кој на горниот лев агол треба да пишува „НЕ ОТВОРАЈ за јавен повик ИПАРД“ и со наведување на мерката за која се поднесува барањето, треба да бидат доставени по препорачана пошта на адреса:
Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ул. „3-та Македонска бригада“ б.б. зграда на „Македонија табак“ блок Ц 1000 Скопје, Република Македонија или лично на рака во писарницата на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој (АФПЗРР) на истата адреса.
3.
По истекот на рокот од 45 дена за пристигањето на барањата во Агенцијата се пристапува кон нивна обработка
l Првата фаза при обработка на едно барање е проверка на комплетност на барањето при што се проверува веродостојноста на податоците дадени во барањето и придружната документација.
l Во случај ако не се доставени сите барани документи, Агенцијата го задолжува барателот да го дополни барањето во рок од 15 работни дена од денот на приемот на Известувањето за дополнување барање.
l По направената контрола на комплетност на барањето, следува проверка на прифатливост на барањето согласно со критериумите пропишани во ИПАРД-програмата.
l Во фазата на проверка на прифатливост, покрај административната проверка на соодветност, се врши и контрола на самото место, со цел да се утврди дали податоците наведени во доставените документи се во согласност со фактичката состојба на терен.
l За сите барања за кои ќе се утврди дека се комплетни и соодветни, следува рангирање со бодување.
l Сите баратели ќе бидат писмено известени за прифаќање или одбивање на доставеното барање во рок не подолг од три месеци од завршување на јавниот повик. Доколку барањето биде оценето позитивно и прифатено, Агенцијата до барателот испраќа „Решение за распределба на финансиски средства“. Во спротивно. до барателот се доставува „Решение за одбивање барање“.
4.
Доколку барателот добие решение за распределба на финансиски средства, односно му биде одобрено барањето за користење средства од ИПАРД, со него се склучува договор
l Со решението за распределба на финансиски средства, АФПЗРР го известува барателот дека во рок од 30 дена треба да дојде во просториите на Агенцијата да потпише Договор за финансиска поддршка со АФПЗРР. Со Договорот се уредуваат правата и обврските на договорните страни во врска со исплатата и користењето на финансиската поддршка од ИПАРД-програмата 2007-2013.
l По потпишување на договорот, барателот треба да започне со реализација на инвестицијата. Инвестицијата треба да биде реализирана со сопствени средства. По завршување на инвестицијата, барателот треба да достави барање за исплата.
l Заедно со барањето за исплата треба да се достави и останатата документација поврзана со направените трошоци, како и останатите документи наведени во самото барање за исплата.
l По извршената административна контрола и контрола на самото место, доколку се констатира дека инвестицијата е реализирана во целост и во согласност со договорот, се продолжува со постапката за одобрување исплата.
l Откако ќе биде одобрена исплатата, Агенцијата издава Решение за одобрување исплата. Доколку барањето за исплата биде одбиено, Агенцијата издава Решение за одбивање. Со Решението, барателот ќе биде известен за сумата што му е одобрена, т.е одбиена.
l Сите одобрени и исплатени инвестиции ќе бидат предмет на контрола во период од пет години по извршената исплата со цел да констатира одржливоста и непроменетоста на инвестицијата согласно со договорот.
Генерални напомени за користењето на средствата од ИПАРД
Финансиската поддршка се исплаќа по принцип на кофинансирање на реализирани инвестиции во висина до 50 отсто од вредноста на одобрената инвестиција, односно 55 проценти за Мерка 101 во случај ако инвестицијата е поднесена од страна на млад земјоделец. Доделената финансиска поддршка е неповратна.
(Мерка 101од Програмата за користење средства од ИПАРД гласи: Инвестиции на земјоделските стопанства со цел нивно преструктуирање и надградба за достигнување на стандардите на ЕУ. Проектите наменети за инвестиции во земјоделски стопанства (Мерка 101) треба да се однесуваат за лозарството, овоштарството, градинарство и одгледување добиток за производство на млеко и месо)
Инвестициите мора да ги исполнуваат минималните национални стандарди за заштита на животната средина, јавното здравство, здравјето на животните и растенијата, благосостојба на животните и заштита при работа до моментот кога се донесува одлуката за доделување финансиска поддршка, освен за нови инвестиции кога исполнетоста на минималните национални стандарди се бара пред поднесување на барање за исплата.
Во случај кога минималните национални стандарди, кои се засновани врз стандардите на Европската унија, се новововедени во периодот кога барањето е примено, помошта може да се додели без разлика на неисполнувањето на стандардите под услов производниот капацитет да ги исполни новите стандарди до крајот на реализација на инвестицијата.
Финансиската помош ќе биде доделена само доколку инвестицијата е наменета да ги исполни стандардите на Европската унија на крајот на реализација на инвестицијата.
|