По „Карнеги хол", Дуке Бојаџиев ќе настапи на „Охридско лето"
29.06.2011, 14:51
По успешниот концерт кој Дуке Бојаџиев го одржа пред неколку месеци во престижната „Карнеги хол" во Њујорк, македонскиот музичар ќе настапи и на годинашново „Охридско лето". Бојаџиев, кој во последните години живее и работи во Њујорк, на 2 август во Античкиот театар во Охрид ќе го претстави својот последен проект насловен „Love is the Way", кој минатата година како албум излезе под етикетата на "Скопскиот џез-фестивал", но заедно со придружните музичари на сцената ќе изведува и теми од филмовите „Сенки" на Милчо Манчевски, „Војната заврши" на Митко Панов и „Созерцание" на Иво Трајков.
По концертот во „Карнеги хол" Дуке Бојаџиев изјави дека тоа била магична вечер, дека самата акустика, прекрасната публика и атмосферата, сите ги понела на едно љубовно патување. Според тоа, логично е повторувањето или претставувањето на овој концерт и пред својата, македонската публика. „Не можев да бидам поинспириран и посреќен од фактот дека свирам со најдрагите музичари со кои соработувам последниве повеќе од ��есет години, музичари од секое ќоше на планетава и ги изведуваме моите најдраги и најинспирирани нумери", изјави Бојаџиев.
На концертот ќе гостуваат истакнати музичари, долгогодишни соработници на Бојаџиев, меѓу кои и Пол Кантелон, виолина, Иан Букенан, поезија, Ара Динкјиан, уд, Оливје Самуилан, виола, македонските кларинетисти Исмаил Лумановски и Васко Дуковски кои исто така живеат во Њујорк и кои доаѓаат од реномираната академија "Џулијард", Камерниот оркестар на Македонската филхармонија, македонските музичари Блерим Груби на виола, Милена Арсова, сопран, актерката Верица Недеска, вокал/поезија, Верица Андреевска-Спасовиќ, вокал, Александар Петров ударни инструменти. Диригент на концертот е Саша Николовски-Ѓумар.
На денешната прес-конференција по повод гостувањето на „Охридско лето", Бојаџиев рече дека репертоарот за концертот е комбинација на она што го работи веќе 20 години. „Влијание на изворната музика помешана со класична, филмска, џез, односно музиката со која растев. Возбудливо беше сето ова да се подготви во комбинација со светски музичари кои живеат и работат во Њујорк со кои соработувам во последните десет години. Нашата музика презентирана во едно вакво музичко пакување е прифатена како магично, вонвременско и чудно. Посебно ми се драги реакциите на луѓето што не се од тука. Ние направивме еден сублимат, нешто изворно од македонски автор, а интерпретирано од интернационални музичари. Повозбуден сум тука, отколку во Њујорк, бидејќи ќе го претставувам проектот пред македонската публика, кој е прва презентација тука".
Инаку, билетите за концертот на Бојаџиев можат да се купат на www.kupikartizase.com.mk по цена од 500 денари, како и пред концертот и на денот на самиот концерт 600 денари. (Т.И.)
|