Број 3369  петок, 27 август 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Магазин

Site Meter

Дуке Бојаџиев

Колаж од десетгодишната работа

Бојан Шашевски

Освен промоцијата на свежото музичко парче „New York a.m.“, твојот седми студиски албум пред публиката во Капан-ан ќе се претставиш и со живо концертно издание. Што значи тоа? Дали освен композициите на албумот ќе бидат опфатени и теми од претходните дела, компилации, музика за филм...?

Секако. Во настапот ќе измешам музика од мојата работа во последните 10-ина години, работа во полето на електронската музика, филмски саундтраци, компилациски теми, мои авторски ремикси и секако темите од албумот. Сетот ќе биде клубски, но и амбиентален, како еден колаж од авторски теми и продукција. На сцената ќе имам константна интеракција со ефекти, синтисајзер и електричен клавир, придружено со синхронизиран визуелен перформанс на нашиот современ и сестран уметник Инд.о.г. Како гости во живо ќе бидат „Бернаис пропаганда“ со нумерата со која ми гостуваат на албумот.



Во „New York a.m.“ имаш соработка со њујоршки имиња како што се Анџела Мекласки, Ким Вајман, Силвија Гордон, ТК Вондер, но и инспиративни музичари и бендови од македонската сцена, Кирил Џајковски, Исмаил Лумановски, „Бернаис пропаганда“. Дали се тоа композиции правени специјално за овој носач на звук или се плод на долгогодишна соработка со сите овие имиња?

Може да се каже и двете. Тоа се композиции правени за овој носач на звук, а се резултат на долгогодишна соработка. Со Кирил Џајковски веќе повеќе години соработуваме со некои заеднички настапи и студиска соработка, Исмаил ми е гостин речиси на секој проект каде што има потреба од кларинет, како и соработник за живи настапи, а „Бернаис пропаганда“ ги запознав годинава и се покажаа, исто така, како одлични соработници. Сите овие личности, вклучувајќи ги и странските гости, ми се долгогодишни соработници и имаат многу различни стилски специфики, но одлично се вклопуваат во таа звучна фузија која со нив ја создавам.



Како лично би ја опишал музиката на албумот? Негуваш ли стилски категоризации или жанровските поимања сами по себе доаѓаат кога се одредува целната група на купувачи, односно уживателите на ваквите музички тоналитети? Можеби и самите слушатели одлучуваат за тоа?

Лично би ја опишал како фузија од стилови низ кои провејуваат сите оние музички влијанија на кои сум бил изложен и кои ме допирале во последните седум-осум години. Во мојата музика ретко употребувам категоризација на стилови, некако ми е тоа многу одминато како концепт. Не гледам зошто еден Бруклински хип-хоп ритам не би трпел македонска етно мелодија и Суфи поезија или, пак, дека нашиот 9/8 ритам не може да се измеша со електро и џез. Најмногу самите слушатели одлучуваат што ќе им се допадне а што не, но во ова издание мислам дека има за секого по нешто.



Албумот е под закрила на „ПМГ рекордингс“. Зошто и како се реши за издание под името на оваа македонска промоторска, дискографска куќа?

Неколку причини. ПМГ ги знам од почетокот на постоењето и првите електронски концерти што ги организираа во 1990-тите. Единствен издавач кај нас што негува поалтернативна музика и ми се допаѓаат артистите со кои тие работат. Мислам дека и стилски се најсоодветни за ова издание.

На овој музички производ работеше повеќе од седум години. Во меѓувреме, правеше музика за филмски остварувања на Манчевски, Панов, Трајков, Деј, Каминг, неколку ТВ-серии, компонираше/продуцираше и за комерцијалните кампањи на „Лореал“, „Пежо“, „Мерцедес“, „Ана Суи“ итн., а паралелно одржуваше и концерти, перформанси, мултимедијални презентации... Дали материјалите за „New York a.m.“ беа собирани сиот временски период и зошто баш сега ќе видат бел ден?

Материјалите за албумот беа работени сиот овој временски период паралелно со работата на споменатите проекти и делумно беа инспирирани од нив. Ќе видат бел ден токму сега поради тоа што годинава, конечно, почувствував дека таа целина созреа и е подготвена да оди во јавноста и да си го најде својот пат понатаму до слушателите.



Сега малку настрана од промоцијата и албумот... По медицинското образование на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, се реши да го промениш животниот императив и да креираш музика. Од каде произлезе овој импулс, односно што те натера да ја тргнеш медицината настрана и да продолжиш како композитор и продуцент?

Работам музика целиот свој живот, но секогаш ја третирав како мое хоби. Можеби е за ова најодговорно влијанието на мојот покоен татко, кој беше лекар по професија, а композитор по хоби. Во една фаза на мојот музички развој стигнав до ниво од кое сфатив дека нема назад, односно не можам веќе како хоби да ја третирам музиката. Тоа беше при крајот на моите студии по медицина кога веќе работев како композитор и продуцент со имиња како што Есма Реџепова, Калиопи и Драган Даутовски. По дипломирањето, веднаш почнав да се подготвувам за „Беркли“ со апликации и веќе за една година бев во Бостон и почнав да студирам на престижниот колеџ. Ниту некогаш се покајав што ја студирав медицината, бидејки ме оформи како човек ниту, пак, што ја оставив, бидејки вистински се најдов себеси во музиката.



По добиената диплома на „Беркли“, се пресели во големото американско јаболко каде што се' уште живееш и работиш. Еве, зошто баш Њујорк? Имаше ли веќе некои контакти, идеи и планови кои влијаат на твојот музички ракурс во овој град?

Искрено немав. Во Њујорк немав ама баш никој кога стасав, посебно од професионалното поле. Аплицирав на сите можни музички куќи што функционираат во градот и по неколку месеци агонија на барање работа во една таква џунгла, една од компаниите ме прими. Локацијата беше на Тајм сквер и сето тоа ми беше како сон... По една година работа со нив, изградив доволно нетворк и клиенти, почнав како самостоен композитор и така тргна мојата интернационална кариера.



Уште во 2001 година издаде албум, студиско првенче, заедно со Есма Реџепова. Колку македонскиот и балканскиот израз влијаеја врз твојот композиторски опус и тешко ли беше да се извозува македонскиот жар на Запад?

Во тоа време можеби и беше малку потешко, но во последниве години балканскиот стил стана многу помодерен и еклектичен за странско уво, така на нашиот жар има услови за извоз на Запад повеќе од кога било. Албумот со Есма беше во тренд со трип-хоп-от, електронската музика и етното од тоа време и беше интересна фузија од електроромска музика. Очигледно е во мојата работа дека имам балкански израз и влијанија, но не секогаш, би рекол само дека провејува како еден дел од мојата работа.



Што можеме да очекуваме од Дуке Бојаџиев понатаму? Имаш ли зацртано поконкретни работи в глава, односно некои долгорочни планови?

Да, следното поголемо нешто ќе биде акустичен концерт во престижниот Карнеги хол во Њујорк во април следната година, за кој подготовките ќе ги почнам ведна�� по моето враќање во Њујорк. Ќе изведам музика од мојата филмска работа, како и од изданието Love is the way на кое имам обработено македонски изворни теми, како и оригинални во изворен дух. Многу сум возбуден, бидејки настапот во Карнеги хол е еден сон кој одамна го имам и, конечно, ќе се случи.


#
Статијата е прочитана 1040 пати.

Испрати коментар

Од: Nikola Kodjabashia
Датум: 27.08.2010 23:35:21
Sekogash mi e drago koga eden talentiran chovek so sodrzina i negovata rabota ke bidat zabelezani... Chestitki i samo napred prijatele (i komshija)...

Најди! во Утрински
Насловна
Тиквешански
Економски прагматизам или флерт со Москва?
3-Д во Македонија?
Владата ќе ги исполнела препораките од ЕК
На чај со претседателот на Русија
Магазин
Далеку е Европа
Пресликување на животот
Утрешниот леб на Левчев
Празнување проткаено со пагански обичаи
Надворешно-внатрешна политика
Треневски бил пионер на македонското евроинтегрирање
Непрактично бањање по бугарски
Сеќавање за масакрот кај „Бриони“
Страдањето на Ромите
Боемството живее во Куманово со тамбурашкиот фестивал
Французите ќе го „цедат“ Мон Блан
Шпионот мора да е секси
Шокантен случај на инцест во Велес
Триумф на британските металци „Ајрон мејден“