Сашо Паркет
Непрактично бањање по бугарски
Валентина Тодоровска
„Паркети“, а особено најпознатиот меѓу нив, Сашо Паркет, се автентична музичка појава кај нас. Една од работите што ова синооко момче го прави манга е што не се крева на големо и што својот битолски говор не го смени со скопски затоа што е популарен. Напротив - зборењето по битолски му е вистински ��дут и надвор од локалните рамки.
А сега нешто конкретно - Сашо, 16 веќе години е деклариран вегетаријанец, па ужива во летниот рај создаден од овошја и од зеленчук. Концерти, фотографии, луѓе, мотор како пасија..., се' се тоа работи што му ги бојат летата. И - нанапред, вели тој. Единствено недостасува чупе, ама летото се' уште не е готово - Сашо е подготвен за вистинска септемвриска романса. Еве без што тој не може во лето.
Костим за капење
Првата работа без која не можам во лето се моите купачи, така се викаат на битолски. Не знам литературно? Гаќи за бањање ли?...Ко бев помлад, се капев со другарите на бугарски начин - без купачи... Ама сега сум познат, па не е многу практично бугарското капење .... Плус тоа, ќе речат дека сум пробугарски ориентиран, а не сум политичен.
Свадба
Не секое лето, ама во ова се случи нешто специјално - Зоки Паркет, мојо брат, се ожени и правеше свадба во јули. Би го одбележал тоа како настан што е битно да се спомне.. Оти убо си поминавме на свадбата многу...
Куќа
Третата работа што не е баш за уживање, но видно влијаеше за мојот провод летово, е дека ја реновираме куката - креваме спрат и поткровје, а тој зафат ни ги потроши парите и не можевме да одиме на добар одмор, на море.. Ама се' има и своја светла страна. Помагајќи во изградбата, толку душа ми излезе, па ко отидов на одмор в Градиште, ми се чинеше како да сум на Азурен Брег...
Чопер
Четвртата работа е мојот чопер china shit loverboy. Во лето тој е моето најважно превозно средство.. А истовремено и лексилиум за стрес.. Со чопер често си одам на капење во Преспа или Охрид, преку Галичица што е многу екстатична работа... Не е исто чувството да патуваш со обична кола и со мотор.. Моторо си има филинг.
Концерти
Со „Паркети“ имавме десетина концерти летово и сите беа супер весели и исполнети со паркетска енергија... Тука спаѓа и дружење, потпишување, давање автограми и најчесто сликање со мобилни телефони, од кои 98 проценти од сликите не се ни за гледање, а сите завршуваат на „Фејсбук“. Па кога ќе се видам, свеста ми се зема. Али тоа е дел од рокенролот.. Не сум многу фотогеничен...
Пиперки
За јадење да спомнам дека сум вегетаријанец 16 години... И летото ми е рај... Печени пиперки, пржени чукини црни патлиџани итн. Салати шопски и какви се не... Со маслиново масло и добро сирење.. Многу овошје... Лубеници, дињи, праски, грозје...
Стари другари
Како и секое лето, така и ова, освен со „Паркети“ си се дружам со стари другари од времето кога бев Харе Кришна ...Така највистински се одморам и си ја враќам радоста што е потребна за живење во овој суров свет.. Бев две недели во Градиште со нив и ко мали деца се капевме 5 пати на ден по еден саат во вода... Навистина уживанција ми беше и без нив не би било исто....
Фотоапарат
Како дополнение на сите работи е мојот фотоапарат што го купив во јули и со него си сликав се' шо ми се случуваше.. Фотографијата е моето хоби веќе подолго време и навистина ми помага да исполнам некој дел во мојот внатрешен свет....Сликањето на старски начин со филм е многу појако.. Али од практични причини, дигиталното е поедноставно...Ги практикувам и двете работи.
Море
За крај да речам - имам план летото да го завршам во септември така што ќе одам неколку дена во Албанија на море да се изнакапам таму.. За да ми држи и во битолската ладна зима...
П.С. За жал, ова лето немав некоја романса шо би ја спомнал, така што, веројатно, есента за тоа ќе биде позгодна... |