Сеќавање за масакрот кај „Бриони“
ТЕТОВО - По повод деветгодишнината од масакрот кај мотелот „Бриони“ во близина на тетовското село Челопек, вчера се одржа панихида на православните гробишта кај црквата „Света Богородица“ и кај урнатините од мотелот. На сеќавањето присуствуваа роднини, пријатели и жители на Челопек и на Тетово, кои им оддадоа почит на ѕверски убиените работници на задругата „Единство“, Бог�� Илиевски и Светислав Трпковски. На вечните почивалишта свештеници на тетовското архијерејско намесништво одржаа помен - парастос.
„Нема што повеќе да кажуваме. Девет години чекаме државата да се огласи и да преземе мерки за случувањето на 26 август 2001 година. За жал, никој ништо не презема“, рече роднина на двајцата убиени жители на Челопек.
На вчерашното сеќавање не беше Загорка Трпковска, мајка на Светислав, која во меѓувреме починала. Таа на претходните чествувања постојано повторуваше дека сака да ги дознае вистинските извршители и причините за убиството на нејзиниот син.
Спасоја, синот на Боге Илиевски, е веќе 26-годишен. „Зарем треба нешто да се каже, да се зборува за масакр, кој со ништо не бил предизвикан. Наместо правдата да излезе на виделина, ние остануваме без никаква информација зошто е убиен нашиот татко, кого во Челопек сите го знаеја како мирен човек и вреден работник“, вели Спасоја.
Остатоците од мотелот „Бриони“ се нем сведок за брутален настан. Непознати сторители поставиле експлозив на градите на Светислав Трпковски и на Боге Илиевски и ги врзале за носечките столбови на објектот. Откако експлозивот бил активиран, Трпковски и Илиевски ги изгубија животите, а мотелот е урнат. Двајцата загинати беа цивилни жртви на банда на тогашната ОНА за која беа осомничени осуммина учесници, шестмина од Челопек, соселани на убиените. Монструозниот настан се случи две недели по потпишувањето на Рамковниот договор со кој требаше да се стави крај на сите вооружени активности. Оттогаш не се откриени и не се изнесени пред правдата ниту злосторниците ниту на задругата „Единство“ и' беше овозможено да го обнови мотелот. (Г.Е.) |