Топ-листи
Триумф на британските металци „Ајрон мејден“
Неделава на листата на најпопуларни синглови во Британија на врвот успеа да се искачи извонредниот креативен лондонски грајм колектив Рол Дип со нивниот сингл Green Light. Оваа интересна формација е формирана во 2002 од страна на неколку ем-си-ја, а истите членови имаат длабоки врски и со бендот Boy Better Know во кој, исто така, чле��уваат. Тие дебитираа со In at the Deep End во 2005 година, а првиот британски број еден го освоија со синглот Good Times. Ова е вистински продолжеток на нивниот успех, овој пат со Green Light, во очекување на нивниот нов проект. Во многубројните ротации и персонални промени на членовите на овој колектив, покрај сегашниот фронтмен Вилеј, мора да се споменат и звучните имиња Дизи Раскал и Тинчи Страјдер, кои беа своевремено дел од Рол Дип, а сега се познати ликови на британската сцена. Веднаш зад Рол Дип е големата комерцијална спојка меѓу Еминем и Ријана, нумерата Love The Way You Lie, вториот сингл од големиот успешен албумски проект на Еминем, Recovery. Ниту во САД, ниту во Европа не стивнува интересот за оваа леплив рефрен на двете ѕвезди, испродуциран од страна на Алекс да Кид и на Макеба Ридик. Трета позиција е творбата на францускиот водечки продуцент, диџејот Дејвид Гета, кој успеа да го воздигне талентираниот Фло Рајда на топ-листите со неговата најнова продукциска креација Club Can’t Handle Me. Можеби најексплоатираната крос-овер тема, We No Speak Americano, на креативното дуо Јоланда Би Кул и Дикап буквално свири насекаде низ светот, во Британија се' уште ја држи високата четврта позиција, а одлично котира и кам-бек синглот на талентираниот вокалист Ни-Јо, кој го промовира своето најново сингл остварување Beautiful Monster. Интересен е да се спомене и големиот пробив на пејачката Ина, која добро атакува на листата како новитет со својот најнов хит Amazing. Елена Александра Апостолиану е името на романската вокалистка и танчерка, која се крие под уметничкото име Ина и од моментот на нејзиното лансирање во светот (2008), па се' досега има одлична нагорна линија.
Има извонреден пресврт на врвот на листата на најдобри албуми со големиот погодок на металците Ајрон Мејдон, кои се најдоа директно на првата позиција со The Final Frontier. Ова е веќе четврти број еден албум за овие ветерани во нивната 35-годишна кариера и со својот најнов проект неочекувано успеаја да го истуркаат Еминем од лидерската фотелја. Final Frontier е веќе 15. албум во нивната кариера и тие го финишираат со 11-минутен музички перформанс базиран на илустраторот Рејмонд Бригс и неговата популарна апокалиптичка креација When The Wind Blows од 1982. Овие пионери на новиот бран на британскиот нејви-метал имаа огромен успех во 80-тите години, имаа неколку менувања на постави, но успеаја да издадат цели серии на успешни платинести и златни албуми. Овие момци од Лејтон, источен Лондон, формирана уште во 1975 година, го издадоа новиот албум на 16 август во целиот свет и критиките и одгласите уште на стартот се навистина позитивни. Можеби Британците по малку се заситија од неприкосновениот успех на одличниот успех на Recovery на Еминем, неговиот седми албум под етикетата на „Шејди рекордс“, па така тој се најде на втората позиција веднаш пред девојките од „Сатердејс“. Тие одлично котираат со нивниот таканаречен мини-албум Headlines. кој требало да послужи како мост меѓу претходникот, минатогодишниот Wordshaker и следниот трет албум на популарните девојки. Раперот, кој се трансформираше во одличен вокалист, План Би ја држи 4. позиција со The Defamation Of Strickland Banks и вели дека веќе му е доста да зборува од агол на неговиот фикционален карактер создаден за потребите на овој нов албум и целата фикциска прикаска. Добро му оди и на третиот албум на Аркејд Фаер, The Suburbs, кој успеа да се качи и до врвот, а по се' изгледа дека одлично му оди од рака на овој монтреалски бенд и со критиката и со фановите, а најголемата причина е, секако, зрелоста во нивната свирка, звук и пишувањето на песните.
Во САД неприкосновен на врвот е дуетот на Еминем и Ријана, а следува новиот хит на црномурното момче Тајо Круз кој има и извонредно вртен видео клип за нумерата Dynamite. Летниот хит California Gurls на Кејти Пери и Снуп Дог е на третата позиција, а веднаш по него е соработката меѓу Енрике Иглесијас и кубанскиот рапер Питбул. Листата од пет најслушани во САД ја затвора новиот сингл на младата Кејти Пери, Teenage Dream, на која навистина среќата и' се насмевна овој летен период, со издавањето на новиот албум.
|