|
|
|
|
|
|
Скопје
Протести по смртта на 23-годишниот Даниел
06.06.2011, 21:28
Над 200 граѓани вечерва се собраа на плоштадот Македонија во знак на протест и револт по смртта на 23-годишното момче на плоштадот Македонија за време на синоќешната изборна прослава. Протестот беше организиран спонтано во попладневните часови по повик за мирен протест на социјалните мрежи. Граѓаните се собраа на фонтаната во Градски парк, а потоа протестната поворка се упати по булеварот "Илинден" кон центарот на Скопје.
Покрената е петиција за итно распуштање на специјалните полициски сили „Алфи" и поднесување лична одговорност на сторителот и неговите претпоставени. Петицијата ќе биде испратена до Министерството за внатрешни работи. Според известувањата на социјалните мрежи бројот на граѓани кои се приклучуваат на протестот на плоштадот и ја потпишуваат петицијата постојано расте.
Дваесет и три годишното момче беше пронајдено мртво на плоштадот Македонија за време на синоќешната изборна прослава во центарот на Скопје. Очевидци на настанот тврдат дека станува збор за 23-годишниот Даниел од населбата Ѓорче Петров, кој синоќа околу полноќ бил брутално претепан од припадник на специјалните полициски сили „Алфи".
Од полицијата тврдат дека момчето било пронајдено мртво пред зградата на „МЕПСО", но дека немало траги на насилство на неговото тело. Идентитетот на починатиот се уште не е утврден. Во тек е обдукција на телото на Институтот за судска медицина во Скопје.
За инцидентот медиумите ги известија група млади кои вчера присуствувале на „Баскер фест" на плоштадот и биле очевидци на настанот, револтирани што никој не известил за смртта на момчето кое починало на само неколку метри од прославата на изборната победа.
Форензичарите во текот на утрешниот ден се очекува да го утврдат идентитетот на момчето, но и да ги обелоденат резултатите од обдукцијата кои треба да покажат од што починал младичот.
|
#
|
Статијата е прочитана 5188 пати.
|
|
|
|
|
|
|
|