Нова Влада до 10 август
Седмиот парламент би требало да се конституира најдоцна на 25 јуни
Македонските граѓани вчера ги избраа новите народни избраници што ќе седат во Собранието во наредните четири години. Конституирањето на седмиот парламент, најверојатно, ќе се случи најдоцна до 25 јуни, а изборот на новата влада треба да биде направен до 10 август. Овие втори вонредни парламентарни избори беа полни со неизвесност - дали ВМРО-ДПМНЕ ќе добие уште една победа или на голема врата ќе се врати на власт левицата предводена од СДСМ.
Конститутивната седница, според Уставот, се одржува најдоцна 20 дена по изборите и неа ја свикува претседателот на Собранието од претходниот состав. Доколку конститутивната седница не се закаже во предвидениот рок, тогаш новоизбраните пратеници сами се состануваат и го конституираат парламентот на дваесет и првиот ден од денот на завршувањето на изборите. Инаку, Собранието може да се конституира ако се избрани минимум 80 пратеници.
На седницата прво ќе се формира верификациона комисија.
Со ова прво заседание на парламентот вообичаено раководи најстариот пратеник. Овој пат, најверојатно, тоа ќе биде лидерот на СП, Љубисав Ивано- Ѕинго, пратеник во сите собраниски состави. Досега во оваа улога најмногу пати се најде долгогодишниот претседател на Собранието, либералот Стојан Андов, кој пред изборите се повлече од политиката.
Десет дена по конституирањето на парламентот, претседателот Ѓорге Иванов треба да и' го довери мандатот на партијата што има мнозинство во Собранието.
Во највисокиот правен акт е наведено дека мандатарот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот му поднесува програма на Собранието и го предлага составот на владата. Претседателот на Собранието ја свикува седницата за избор на владата во рок од 15 дена од денот на доставувањето на предлогот за состав на владата и програмата. Потоа Собранието ја избира владата со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Овој пат за избор на новиот владин кабинет ќе бидат потребни најмалку 62 гласа, бидејќи парламентот првпат ќе брои 123 пратеници. Во него, покрај 120 парламентарци што според Донтовиот модел ќе се изберат од шесте изборни единици во Македонија, премиерно ќе има тројца пратеници од дијаспората, избрани според мнозински модел. По еден од трите изборни единици во странство - во Европа и Африка, во Северна и Јужна Америка и во Австралија и Азија. (О.В.) |