ДИК: ВМРО-ДПМНЕ освои 56 пратеници, СДСМ 42, ДУИ 15, ДПА 8
06.06.2011, 15:49
Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ на вчерашните предвремени парламентарни избори освои 53 пратеници, а исто така ги освои и трите пратенички места од дијаспората. СДСМ доби 42 мандати, ДУИ 15, ДПА 8 и НДП 2. Ова се првичните официјални резултати добиени од оригиналните записници од општинските избирачки комисии што денеска на прес-конференција ги објави претседателот на ДИК Борис Кондарко.
Нова Демократија на вчерашните избори освоила 19.958 гласови, ПОДЕМ - 4.395, СДУ - 2.270, ДУА - 4.517, Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ 438.135, ВМРО-Народна Партија - 28.217, ДУИ - 115.095, ДПА - 66.315, Достоинство - 8.846, Коалицијата предводена од СДСМ - 368.487, НДУ- 469, ЛДП - 16.551, СДПМ - 1.807, Демократска десница - 1.517, Европска партија - 130, ПДП - 277, НДП - 29.966 и Обединети за Македонија - 17.080.
Во првата изборна единица ДУИ освоила два мандати, ДПА - еден, СДСМ - осум и ВМРО-ДПМНЕ - девет. Во втората ДУИ има три мандати, ДПА - еден, СДСМ - седум и ВМРО-ДПМНЕ - девет. Во тројката ВМРО-ДПМНЕ освоила 12 пратеници, а СДСМ осум. Во четвртата изборна единица СДСМ доби девет мандати и ВМРО-ДПМНЕ 11. Во петката СДСМ освои осум мандати, ВМРО-ДПМНЕ - девет, ДУИ - два и ДПА - еден. Во шестата изборна единица ДУИ освои осум мандати за новиот собраниски состав, ВМРО-ДПМНЕ - три, СДСМ - два, ДПА - пет и НДП - два.
Одѕивот од вчерашното гласање во шесте изборни единици во Македонија изнесува 63,48 отсто, а на гласање излегле 1.156.085 граѓани. Во првата изборна единица одѕивот на гласањето е 67,37 отсто, во втората изборна единица 60 отсто, во третата 71, 66 отсто, во четвртата изборна единица на гласање излегле најмногу граѓани - 72,51 отсто, во петтата изборна единица одѕивот е 61,53 отсто и во шестата 49, 29 отсто.
Важечки ливчиња се 1.094.999, неважечки 31.983, а бројот на неупотребени ливчиња на вчерашното гласање изнесува 665.449.
Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ги освои и трите пратенички места во дијаспората. Одѕивот на гласањето во трите изборни единици во дијаспората е 56,67 отсто или на гласање излегле 4.088 македонски државјани со право на глас кои живеат во странство. За време на гласањето на дијаспората, што се одржа на 4 јуни, Нова демократија освоила 34 гласови, ПОДЕМ - 14, СДУ - 242, Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ 2.686, ВМРО-НП - 50, ДУИ - 432, ДПА - 59, Достоинство - 74, Коалицијата предводена од СДСМ - 308, Европската партија - 27, ПДП еден и Обединети за Македонија 36.
Кондарко информираше дека согласно Изборниот законик тече 48-часовниот рок за евентуалните приговори до ДИК од страна на политичките партии за вчерашното гласање, а исто така од моментот кога тој ги објави првичните официјални резултати тече и 48. часовниот рок за приговори за нив. Тој соопшти дека 24 по завршувањето на гласањето секој граѓанин, како избирач, има право до ДИК да поднесе евентуален приговор за неправилности на постапката на гласање. Исто така, Кондарко соошти дека во законот има одредби во кои случаи ДИК може по службена должност да реагира.
ДИК е надлежна во прв степен да одлучува за приговорите од гласањето и резултатите, а откако ќе истече 48-часовниот рок за жалби и ќе биде донесена првостепената одлука надлежен за второстепената постапка е Управниот суд кој исто така треба да одлучи во рок од 48 часа.
|