Изречени мерки за медиумите што го прекршиле молкот
06.06.2011, 13:47
Советот за радиодифузија (СРД) на денешната седница изрече мерки против радиодифузерите, коишто ги прекршиле законските одредби во покривањето на пред-изборните активности по повеќе основи.
Прекршочни пријави ќе бидат поведени против ТВ А1, поради емитувани повеќе од 15 минути за платено политичко рекламирање на реален час и прекршување на предизборниот молк преку емитување на аудио-визуелни материјали во врска со кандидат во изборниот процес, ТВ Сонце поради прекршување на изборниот молк и проширување на прекршочната пријава по истиот основ, МТВ 1 поради емитување рекламни спотови финансирани од буџетот на РМ емитувани во период на изборен молк и против МТВ Собраниски канал, поради емитување рекламни спотови финансирани од буџетот на РМ емитувани во периодот на изборната кампања.
Поради други помали пропусти, СРД упати укажувања до ТВ А1, МТВ 2 (Програма на албански јазик) и до локалната телевизија ТВ Стар од Штип.
- Службите за анализа на СРД продолжуваат со обработка на емитуваните материјали и на останатите национални, регионални и локални радиодифузери и доколку се констатираат прекршувања, СРД во текот на наредниот период ќе продолжи да изрекува мерки, се вели во соопштението од СРД.
|