Бандеролите ја заглавија јулската пратка на лекови
Фондот немал тонери за печатење бандероли, но поголем проблем е пробиениот законски рок за плаќање на лековите на аптеките
Јасмина Јовановска
Во аптеките доцни јулската пратка на лекови што се издаваат со сини картони. Лековите обично стасуваат во првите пет дена од месецот, но сега во поголемиот број од аптеките ги нема или, пак, ги има во мали количини заостанати од минатиот месец. Аптекарите креваат раменици и не знаат зошто официјално доцни редовната месечна пратка на лекови, која обично ја добивале во првата недела од месецот.
„Требувањата се направени, но не знаеме од која причина лековите се' уште не се испорачуваат, па не знаеме ни што да им кажеме на болните што се жалат дека не можат да ги најдат лековите“, коментираат во поголемиот број од аптеките. Аптекарите, сепак, сметаат дека проблем најверојатно е тоа што Фондот за здравствено осигурување се' уште ги нема платено издадените лекови, па веледрогериите одбиваат да ги испорачуваат лековите.
Доставувачите, односно од веледрогериите објаснуваат дека лековите не можат да ги испорачаат зашто Фондот за здравствено осигурување се' уште не им издал бандероли, етикетите со кои се обележуваат кутиите на лековите што се издаваат со сини картони. „Бандеролите порано ги добивавме и до 25 во месецот. Сега се воспостави практика бандеролите да стасаат најдоцна до први за да може да ги залепиме и да ги испорачаме лековите на аптеките. Изминаа шест дена, а од бандеролите нема абер“, ни велат во одредени веледрогерии. За нив ова е реален моментален проблем, но од веледрогериите нагласуваат дека поголем проблем е неплаќањето на лековите. Тие велат дека на аптеките повеќе не може да им даваат лекови на вересија.
„Кај што чекаме и по четири месеци Фондот да ги плати лековите, сега се доцни и повеќе. Ако порано Фондот плаќаше до десетти во месецот, тој рок се продолжи до 25. во месецот. Секој месец се зголемуваат роковите за исплата, а овој месец помина и 30., со што се проби и законскиот рок од договорот 120 дена, а лековите се' уште не се платени“, велат од една веледрогерија.
Во Фондот за здравствено осигурување ни потврдија дека имало мал застој во печатењето на бандеролите. „Проблем имаше со тендерот за набавка на нови тонери за печатење на бандеролите. Тоа беше минатата недела и сега проблемот е надминат. Имаше застој од два до три дена, но бандеролите сега почнаа да се печатат и некои од доставувачите веќе ги подигаат“, ни изјави портпаролот на Фондот за здравствено осигурување, Бранко Аџигогов. На прашањето кои веледрогерии ги подигнале лековите, Аџигогов ни кажа само за „Алкалоид“ и други, но аптеките се снабдуваат со лекови од најмалку дваесетина доставувачи. Оние што ги добиле бандеролите, пак, велат дека количините ни оддалеку не се реалните, односно добиле колку да може да испорачаат десетина од бараните лекови по аптеките. Во меѓувреме, според податоците од последниот „Службен весник“ на 2 јули, Фондот распишал тендер за набавка на потрошен компјутерски и печатарски материјал, а понудите ќе се отвораат на 28 јули.
Во врска со проблемот со плаќање на лековите, иако минатата недела портпаролот Аџигогов не' убедуваше дека парите веќе им се префрлени на доставувачите, сега вели дека лековите ќе бидат платени до крајот на неделава. „Парите беа префрлени во минатиот петок, но бидејќи се движат преку трезорската сметка, парите до доставувачите ќе стасаат најдоцна до овој петок и одеднаш ќе бидат намирени трошоците за лековите на сите аптеки во државата, а не поединечно по општини“, ни објасни Аџигогов.
|