Мислења
Invested in Prilep! Invested in Macedonia
Ден Дончев
На сите страни имаме промотори, ама никаде нема инвеститори
Во потрагата по странски директни инвестиции (СДИ) може да се каже дека оваа Влада потроши повеќе пари, време и ресурси од претходните две заедно. Потезите, мерките, напорите, рекламите како и безброј други активности на оваа Влада во обидот да привлече странски инвестиции во Република Македонија се веќе општопознати за македонската јавност. Дел од тие средства и ресурси беа потрошени на разумен начин, но најголемиот дел беа фрлени во бунар. Точно е дека некои од преземените потези од Владата беа иновативни и професионално изведени. За жал, ваквите потези беа премалку. Испадна дека најголем дел од преземените мерки биле парада за замачкување на очите на домашната јавност дека на оваа поле, како и на сите други, Владата работи 24/7.
Минаа многу денови откако парадата околу СДИ почна. Се покажа дека резултатите од работењето 24/7 не биле драматично поинакви од работењето на претходните две влади, кои, се разбира, не можеа ни на сон да замислат дека можат да издржат континуирано такво работно темпо. Ама, сепак, просечниот годишен износ на СДИ во Република Македонија во време на владеењето на оваа Влада е речиси ист како и просечниот годишен износ на претходните две влади за периодот од 2003 до 2006 година и од 1999 до 2002 година.
Мислев дека фијаското „Бунарџик 2“ е шпицот на парадата околу странските директни инвестиции, но до мене стигнаа изворни информации околу неодамнешната посета на градоначалникот на Прилеп на Австралија. Најверојатно инспириран од грандиозните потези, кои Владата ги презема за да привлече СДИ во Македонија, момчето одлучило да ја земе судбината на Прилеп во свои раце и да дојде во Австралија за директно да лобира кај некои компании за да дојдат и да инвестираат во Прилеп. Пред некој да избрза и да му честита на градоначалникот за неговата иницијатива, најнапред треба барем малку да посвети време и да ја дознае структурата на надворешната трговска размена и директните инвестиции во странство на компаниите од Австралија.
Со бруто домашно производство (БДП) од над еден трилион долари, Австралија е тринаесетта најголема економија во светот. За земја која има популација од само 22 милиона граѓани, БДП по глава на жител од 46.000 долари е меѓу највисоките во светот. Постигнувањето на ваквиот стандард, меѓу другото, е благодарение на големиот удел на извозот на државата, кој изнесува над 160 милијарди долари. Најголем дел од извозот се суровини како јаглен, железо, злато, алуминиум, месо, жито и волна. Истовремено, над 70 отсто од извозот е насочен кон земјите од Азија, како што се Кина, Јапонија, Индија, Јужна Кореја, Сингапур и Малезија. Австралија, исто така, увезува повеќе од 150 милијарди долари разновидни стоки и машинерија. Но, повторно над 50 отсто од увозот доаѓа од земјите во Азија, како што се Кина, Јапонија, Тајланд, Сингапур и Малезија.
Што се однесува до директните инвестиции во странство на компаниите од Австралија, во 2008 година, која моментно е последна година за која постојат ажурирани податоци, тие вкупно изнесуваа 42,3 милијарди долари. Директните инвестиции на австралиските компании се во следните земји: Америка 36 отсто, Англија 19, Канада 17, Нов Зеланд 11, Сингапур 7 и други земји 10 отсто. Најголем дел од категоријата „други земји“ се однесува на инвестиции во различни држави во Азија. Меѓутоа, најинтересното од оваа слика за директните инвестиции во странство од Австралија е дека нивниот износ во Европската унија (поточно во 26 земји-членки на ЕУ) за 2008 година изнесува точно 0! Со други зборови, немало ниту една директна инвестиција од која било компанија од Австралија во ЕУ-26 во 2008 година.
Дополнително, од севкупниот износ од 281 милијарда долари на сите директни инвестиции на компаниите од Австралија во странство до крајот на 2008 година, само 7 отсто се инвестирани во земјите од ЕУ. Најголем дел од вкупниот износ на директните инвестиции во странство е во Америка (43 отсто), Англија (8), Канада (10) и Нов Зеланд (12 отсто). Значи, станува јасно дека стратегиската определба на Австралија за извоз и за увоз е Азија, додека најзначајниот дел од директните инвестиции во странство се пласираат во англосаксонските земји. Но, ова очигледно не му пречи на прилепскиот градоначалник, кој одлучил да отпатува до далечната Австралија во потрага по странски инвестиции. Се разбира, фактот дека момчето има роднини и пријатели со кои минал значаен дел од своето време додека бил таму, било само секундарна причина зошто дошол во Австралија со своите советници. Инаку, сигурно не му дошло на крај памет да троши државни пари само за прошетка низ Австралија и да се види со своите роднини.
Не, на градоначалникот од Прилеп главна цел му била да убеди компании од Австралија да инвестираат во Македонија. Се разбира, како добар локален патриот, примарна цел му била да ги убеди да дојдат во Прилеп. И така, ангажирајќи ги државните ресурси, македонската амбасада во Австралија, како и одредени контакти кои градоначалникот ги имал во Австралија, сите се пуштиле во потрага по фирми од Австралија, кои ќе сакаат да инвестираат во Прилеп. За чудо невидено, македонската амбасада и некои од контактите на градоначалникот успеале да соберат неколку помали фирми да дојдат на коктел каде ќе им се обрати градоначалникот на Прилеп. Се разбира, имајќи ги предвид податоците за вкупниот износ на сите директни инвестиции на Австралија во Европската унија, може да оставиме на самата имагинација точно каков профил на компании се собрале на овој коктел каде што се обратил прилепскиот градоначалник.
Користејќи неколку од познатите маркетиншки фрази кои Владата на Република Македонија ги користи во секоја не така евтина реклама на Си-Ен-Ен, градоначалникот обелоденил зошто компаниите од Австралија треба да инвестираат во Прилеп. Рамниот данок, брзата регистрација на компаниите, данокот на добивка од само 10 проценти, нулта стапка на данок на реинвестирана добивка биле меѓу главните адути на градоначалникот пред публиката. На крај, сакајќи да ги убеди инвеститорите дека може да сметаат и лично на него, на англиски јазик ги повикал: INVESTED IN PRILEP! INVESTED IN MACEDONIA!
Инспириран од својот колега, или можеби испровоциран од конкурентската партија, по неколку месеци и градоначалникот на Охрид дошол во Австралија во потрага по странски инвестиции. Место да троши пари на коктели, овој градоначалник одлучил дека најефикасен начин ќе биде доколку отиде директно кај австралиските компании за да ги убедува дека треба да инвестираат во Охрид. Злобниците велат дека цел му била да се види со своите пријатели во Австралија. За негова несреќа се случија поплавите во Охрид, па затоа требаше да се врати предвреме, без да успее да привлече инвеститори од Австралија.
И така секој си дозволува да троши народни пари во име на светата потрага по странски инвеститори. Со Влада која одамна заборави да бара отчет, одговорност и резултати, секој може да биде промотор. Секако, на сметка на граѓаните. Ова е климата која Владата на Груевски ја создаде. На сите страни имаме промотори, ама никаде нема инвеститори.
(Авторот е економски аналитичар) |