Градската куќа ќе се проектира на слепо
Градот бара идејно решение за свој објект, но се' уште не ја утврдил локацијата
Деспина Трајковска
Градските власти бараат идејно решение за објект Градска куќа на се' уште неутврдена локација. Но, и покрај тоа, посочуваат дека предлогот се однесува за објект кој би се градел на парцела од 2.367 квадратни метри со површина за градба од 1.274 квадрати, максимална катност од 21 метар и капацитет за паркирање од 153 возила.
Непоимлива ситуација, а истовремено сомнителна, коментираат урбанистите. Велат дека е невозможно да се предвиди идејно решение на објект со барани критериуми од повеќе аспекти, кога поради недефинирана локација тие не можат да се конкретизираат. Од друга страна, упатените се сомневаат дека локацијата, всушност, е позната, но се држи во тајност, со цел идејното решение по нарачка да го сработат архитекти блиски на владејачката гарнитура.
„Повеќе веројатна ми е втората варијанта. Од друга страна, пак, доволно е да се спомене сообраќајно решение и пристапи до објектот, за и лаик да се запраша како е можно да се бара идејно решение за објект за кој допрва ќе се утврди локацијата“, коментира еден архитект, кој не сакаше да му се споменува името.
Од Градот, пак, тврдат дека нема да биде прв пат да се бара идејно решение за објект за кој допрва ќе се утврдува локацијата. Сепак, не посочуваат идентичен пример. Велат дека утврдените градежни параметри ги направиле врз основа на пресметките и потребите за сместување на градската администрација, за која, всушност, и ќе се гради објектот. Тврдат дека засега немаат во план некоја конкретна локација, но надлежните интензивно биле во потрага по соодветна. Од комбинација биле исфрлени некогашните идеи градска куќа да се изгради на местото на дел од Старата железничка станица, како и маркичка да се вцрта во близина на Кале. Од Градот ниту демантираат ниту потврдуваат дека се разгледува можноста за петстотините градски вработени нов објект да се изгради во близина на црквата ���Пресвета Богородица“ каде што важечкиот урбанистички план предвидува административен објект.
Инаку, градските власти објаснуваат дека нивното барање за идејно решение за Градска куќа не е идентично со што го реализираше Министерството за култура пред три години кога делото на Коста Мангароски го избра како најсоодветно. Тоа здание, за разлика од ова на Градот, кое ќе биде наменето за администрацијата, ќе било репрезентативен објект со сала за приеми, кабинет за градоначалникот и сала за венчавки.
Токму за тој објект, чија изградба Министерството за култура амбициозно ја најави пред три години, освен идејно решение не се преземени други конкретни мерки. Од Министерството вчера не одговорија каде „запнал“ проект. Единствено Коста Мангаровски ни изјави дека за објектот само е избрано идејно решение, а наводно, немал сознанија дека продолжиле постапките за изработка на идеен и изведбен проект. |