ЕДИТОРИЈАЛ
Коj jа поткопува Антикорупциска
Катица Чангова
Фрлаа камења и плукаа по Антикорупциска комисија кога пред нос и' поминуваа многу афери, а членовите рамнодушно и без никаква грижа на совест затвораа очи и не ги регистрираа. Таквата летаргија во која пливаа комисионерите траеше од добивањето на мандатот, цели три години.
Критиките од јавноста за невидената ноншаланција беа оправдани и дадоа плод. Конечно, се случи пресврт, смена на претседателското место. Ова беше клучен момент за перестројка во антикорупциската битка. Борците против криминалот и корупцијата во ист состав, ама со нов шеф свртија друг лист. Се престроија, живнаа и брануваат како што треба.
Фатија силен залет и му зедоа мерка на висок владин функционер, кој не е од минатото, туку од сегашноста. Директорот на Управата за спречување перење пари се огрешил во законите, вработувал на своја рака и не почитувал процедури во јавните набавки. Кристално јасна е пораката на Антикорупциска комисија до Владата, Ване Цветанов треба да се казни со заминување од функцијата. Самото поднесување на барањето доволно говори дека нешто треба да се преземе.
За жал, наместо брза разрешница, сега се случува нешто невообичаено. Антикорупционерите наеднаш се соочија со ѕид од молчење. По се' изгледа, погодија во целта, во нервот што боли, таму каде што не требаше и каде што не се очекуваше. Затоа на Владата некако не и' се слуша, па глуми некое чудно лудило. Можно ли е цел месец Кабинетот на Никола Груевски да не најде време за да одлучи што ќе прави со Цветанов, ќе го смени или ќе го задржи. Ова се две алтернативи, а трета е да го награди со некоја друга позиција. Кај нас и такво нешто се случува.
Случајот на Ване Цветанов, кога станува збор за вработувања е ист со оној на поранешниот министер за здравство, Владо Димов. Тогаш многумина ги оштетија гласните жили за санкционирање на Димов, но сега се тивки, претпазливо тактизираат и немаат ни ал ни абер за поведување кривична постапка. Прогонот како да важи само за „другите“, а привилегиите од власта само за „нашите“. Државата во ниеден момент не треба да манифестира двојни аршини.
Со ваков игнорантски однос за толку истретирана иницијатива Владата ја поткопува и ја закопува институцијата, која носи многу гордо име - Државна комисија за спречување на корупцијата. Дали некој посакува да го замати сегашниот впечаток дека оваа институција веќе е на правиот пат? Тоа не смее да се случи оти така ќе се изневерат очекувањата. Не само на македонската јавност, туку и на меѓународната публика. Македонија мора да има конкретни резултати во битката против криминалот и корупцијата. Само тоа е начинот за добивање позитивни извештаи.
И да не се заборави. Пред да го кажат својот конечен став за Ване Цветанов, антикорупционерите собраа многу силни аргументи. Тргнаа од финансискиот извештај на ревизорите што детектирале незаконито работење на Управата и на нејзиниот прв човек. Цветанов без согласност од Министерството за финансии удомил триесетина службеници, а месечните одливи за нивните плати биле повисоки од заработувачките за редовно вработените. И тоа не е единствената грешка. Цветанов отстапил и од пропишаните правила за јавните набавки, фаворизирал фирми и ја елиминирал фер конкуренцијата за добивање бизниси.
За да се уверат во вистината, антикорупционерите свиткаа ракави и влегоа во дополнителна истрага. Разговорите со контролорите на јавните пари и документите ги потврдија нивните сомнежи. Така сигурни побараа смена на Ване Цветанов.
Сега од Владата не доаѓа поддршка, стимул, поттик. Политичката волја за справување со корупцијата не е само декларативна изјава „ќе се бориме“ и толку. Таа се покажува со правовремена реакција на нешто конкретно. Зарем е навистина толку тешко да се пресече и да се каже дека Антикорупциска имала право? Тоа ќе биде надеж за иднината на оваа комисија, оти, во спротивно, нема никаков резон да постои. |