ИЗВАДОК
Ти реков ми рече... и некои други работи
Почнуваме со извадоци од книгите на конкурсот за „Роман на годината“
Извадок од романот „Ти реков ми рече... и некои други работи" на Тодор Басотов во издание на „Македонски духовни конаци“
Дали ја паметите „Мадам Батерфлај“ од Пучини? Не!? Па тоа е приказната за една љубов меѓу една Јапонка и Американец, на кои по романтичната идила, Господ ќе им подари едно убаво и здраво бебе. Но секоја идила е од краток здив, и најчесто завршува со трагичен крај. Американецот, по завршената дипломатска мисија во Јапонија, мора да се врати во САД, каде што го очекува неговото семејство. Американецот инсистира да го понесе со себе бебето, а Јапонката, според строгите традиционални норми во Јапонија, мора да се покори на волјата на мажот. Од голема скрб по детето, Јапонката извршува самоубиство-харикири според традиционалниот јапонски ритуал.
А дали ги паметите жешките летни денови во Скопје, некаде пред скопскиот земјотрес. Па сите одевме на градската плажа на Вардар, игравме најчесто „олди“, пливавме по нашиот кучешки стил, слободен стил или грбно, но никако не можевме да го научиме она „пеперутка т.е. батерфлај“ стил; па бевме уште деца, во почетокот на нашата младос��, и немавме сила да ги изведеме таквите движења на рацете и нозете. Некои од повозрасните го практикуваа оној стил-пеперутка, посебно ако имаше во околината набљудувачи од понежниот пол. Или пак кога некој ќе се појавеше на градска, легнат на внатрешна (напумпана) гума од камион или трактор и така ја крстосуваше реката Вардар, од Руска-Градска-Офицерска-Дрвено мовче па се до Кланица, и предизвикуваше невиден восхит, како да беше качен на глисер, марка Џонсон од 3000 кс.
Најчесто навечер од 20 часот, одевме во летно кино Парк, и качени на соседните дрвја за да го гледаме филмот, за да не платиме кино-билети. За среќа, милицијата не оставаше спокојно да го гледаме филмот до крајот, разбирајќи ги нашите финансиски тешкотии. Кога се прикажуваше филмот „Папијон“ што во превод на македонски значеше Пеперутка, со Стив Мек Квин и Дастин Хофман во главните ролји, го гледавме по неколку пати. Иако живеевме во едно сиромашно време, бевме среќни и спокојни, бидејќи државата мислеше за сите и за се'. Во тоа време, најголем општествен статус беше нашите родители да имаат велосипед марка Дијамант (и тоа купен на старо). Политиката се креираше во ЦК и во Савезно Извршно Веќе во Белград од единствената партија на власт - КПЈ. Никому не му се допушташе да ги коментира нивните решенија и ставови, туку требаше тие а приори да се спроведуваат во нашето секојдневно живеење. Ни кажуваа дека така мора да биде.
Во тоа време се прикажуваше (не јавно) еден виц:
На една седница на Сојузната скупштина во Белград, на која присуствувале делегации од сите републики од СФРЈ, некој на столчињата поставил патенти. Кога делегатите седнале и им навлегле длабоко во нивните дебели газови што им предизвикало неподносливи болки, оние од Србија веднаш гласно изреагирале со: „У пизду материну, ко је урадио ово срање“? |